Најмалку 10 загинати во вооружен напад во Канада, осомничената пронајдена мртва
Најмалку 10 лица, меѓу кои и осомничената напаѓачка, се пронајдени мртви по вооружен напад во градот Тамблер Риџ, во североисточниот дел на канадската покраина Британска Колумбија. Повредени се најмалку 25 лица, соопшти Канадската кралска коњичка полиција (RCMP).
Според официјалните информации, шест жртви биле пронајдени во просториите на средното училиште во Тамблер Риџ. Едно лице починало на пат кон болница, додека уште две тела биле откриени во куќа во истиот град, за која истражителите претпоставуваат дека е поврзана со нападот.
Осомничената е пронајдена мртва во училиштето, со повреда за која полицијата верува дека си ја нанела самата. Од RCMP соопштија дека во моментов нема индикации за други осомничени и дека не постои дополнителна закана за јавноста.
Осомничената идентификувана, но без објавено име
Надзорникот Кен Флојд од RCMP изјави дека осомничената е идентификувана, но нејзиното име засега нема да биде објавено.
„Мотивот за нападот останува непознат. Сe уште утврдуваме каква била поврзаноста меѓу жртвите и осомничената“, изјави Флојд на прес-конференција.
Во првичното предупредување испратено до граѓаните преку мобилни телефони, напаѓачката била опишана како „жена со кафеава коса во фустан“. Полицијата потврди дека лицето пронајдено мртво во училиштето одговара на тој опис, но не изнесе дополнителни детали.
Се испитува поврзаноста со пронајдените тела во куќа
Истражителите ја разгледуваат можната врска меѓу нападот во училиштето и пронаоѓањето на две лица мртви во куќа во близина. Засега се претпоставува дека инцидентите се поврзани, но тоа сѐ уште не е официјално потврдено.
„Станува збор за сложена и динамична истрага“, изјави Флојд.
Прекината настава, обезбедена психолошка поддршка
Наставата во основното и средното училиште во Тамблер Риџ е прекината до крајот на неделата. Локалните власти најавија обезбедување психолошка и советодавна поддршка за семејствата на жртвите, учениците и наставниот кадар.
Станува збор за еден од најтешките инциденти со огнено оружје во Канада во последните години. Истрагата продолжува со цел да се утврдат мотивот и целосната временска линија на настаните.