Иран и САД на разговори во Оман: Ракетниот арсенал главна пречка за напредок
Иран и Соединетите Американски Држави денеска во Оман треба да одржат разговори за нуклеарната програма на Техеран, но длабоките разлики околу темите што треба да бидат опфатени укажуваат дека постигнувањето напредок ќе биде исклучително тешко.
Иако двете страни во изминатиот период сигнализираа подготвеност за оживување на дипломатијата во долгогодишниот нуклеарен спор меѓу Иран и Западот, Вашингтон инсистира разговорите да бидат пошироки. Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД сакаат на маса да се најдат не само нуклеарната програма на Иран, туку и неговиот балистички ракетен арсенал, поддршката за вооружени групи во регионот, како и, како што рече, „справувањето со сопствениот народ“.
Разговорите во Мускат ќе бараат внимателно маневрирање од страна на преговарачите, со оглед на јасниот и цврст став на Техеран дека одбива каква било дискусија за своите „одбранбени капацитети, вклучувајќи ги ракетите и нивниот дострел“. Иранските власти нагласуваат дека токму ова прашање не смее да биде дел од преговорите, доколку се сака договор и избегнување на потенцијален воен конфликт.
Неколку часа пред почетокот на разговорите, иранската државна телевизија соопшти дека една од најнапредните балистички ракети со долг дострел, „Корамшахр 4“, била распоредена во еден од големите подземни ракетни комплекси на Револуционерната гарда – сигнал кој дополнително ја зголеми тензијата пред средбата.
Во исто време, ирански официјални претставници минатата недела за „Ројтерс“ изјавија дека Техеран е подготвен да покаже „флексибилност“ во однос на збогатувањето на ураниум, вклучително и можноста за предавање на околу 400 килограми високо збогатен ураниум.
Сепак, Иран инсистира дека неговото фундаментално право на збогатување на ураниум не смее да биде доведено во прашање и бара разговорите во Оман, меѓу министерот за надворешни работи Абас Аракчи и американскиот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф, да се фокусираат исклучиво на нуклеарните аспекти.
„Влегуваме во дипломатијата со отворени очи и со сеќавање на изминатата година“, напиша Аракчи на платформата „Икс“, оставајќи до знаење дека Иран пристапува кон разговорите со висока доза на претпазливост.