Протести во Битола, Штип и Кочани поради одземени возила за возење без дозвола
Граѓани, претежно од ромската заедница, денеска организираа протести во Битола, Штип и Кочани поради одземањето на нивните возила за управување без положен возачки испит, согласно членот 297 од Кривичниот законик, кој се однесува на „безобѕирно управување со моторно возило“.
Во Битола беше блокиран магистралниот пат кон Ресен кај населбата Баир, по што дел од демонстрантите продолжија со протестна прошетка низ градските улици. Во Кочани, протестот се одржа во населбата Трајаново Трло, на улицата „Цветан Димов“, додека собири имаше и во Штип.
Заедничкиот мотив на протестите е незадоволството од мерката за трајно или привремено одземање на возилата, кои демонстрантите ги користеле како основно средство за работа и егзистенција на своите семејства. На неколку локации беа палени гуми и расфрлано ѓубре со цел да се блокира сообраќајот.
Дел од учесниците на протестот во Битола побараа институциите да им овозможат добивање возачки дозволи без полагање возачки испит, наведувајќи дека имаат практично знаење за управување возило, но немаат финансиски средства за обука и за трошоците поврзани со полагањето.
Од надлежните институции засега нема официјална реакција на барањата на демонстрантите.