Наводи за испраќање мозочни примероци од Македонија во САД: што навистина стои зад мејловите поврзани со истражувањата
Во електронска кореспонденција поврзана со починатиот американски милионер и осуден сексуален престапник Џефри Епштајн се појавуваат наводи дека мозочни примероци од починати лица од Македонија биле замрзнувани и транспортирани во Соединетите Американски Држави, каде наводно биле користени за научни истражувања.
Сепак, како што произлегува од достапните информации, овие мејлови не се поврзани со криминалните активности на Епштајн, туку се дел од новинарско истражување на „Блумберг Бизнисвик“, потпишано од новинарите Синтија Кунс и Роберт Лангрет. Истражувањето е објавено под наслов „Лек стар 50 години што би можел да помогне во решавање на американската криза со самоубиствата“, и се однесува на научни испитувања поврзани со кетаминот.
Во текстот се наведува дека американски научници, поврзани со Универзитетот „Колумбија“, во рамки на долгогодишни истражувања формирале банка на човечки мозоци за научни цели, која содржи околу 1.000 примероци. Дел од нив, според написот, потекнувале и од Македонија, како резултат на меѓународна научна соработка.
Во „Блумберг Бизнисвик“ се наведува дека мозочните примероци од Македонија биле земани по смрт, веднаш криопрезервирани, транспортирани во САД и архивирани според строго утврдени научни протоколи. Македонија е спомната како една од земјите учеснички во проектот, заедно со други држави, во рамки на истражувања од областа на невропатологијата и психијатријата.
Дел од јавноста дополнително беше вознемирена поради интерпретации дека „илјадници мозоци од македонски државјани завршиле на продажба“, повикувајќи се на фајлови поврзани со Епштајн. Во тие тврдења се споменува и дека преку фондацијата „Jeffrey Epstein VI Foundation“ биле донирани средства за истражувања поврзани со човечки мозоци.
Во еден од цитираните мејлови, датиран од 5 февруари 2019 година, се опишуваат логистички детали за транспортот и складирањето на мозочните примероци, при што се споменува Македонија како земја од која биле обезбедувани дел од примероците, преку ангажман на научник со потекло од земјава, вработен на Универзитетот „Колумбија“.
Поранешниот директор на Институтот за судска медицина, Алексеј Дума, во изјава за емисијата „360 степени“ потврди дека во периодот од 1990-тите до 2000-тите години постоела научна соработка во рамки на која мозочни примероци од Македонија биле испраќани во САД за истражувачки цели. Тој, сепак, нагласи дека не станувало збор за профит или нелегална трговија, бидејќи, како што посочи, човечкиот мозок не може да биде предмет на црн пазар.
„Проектот беше финансиран од Националниот институт за здравје на САД и го водеше Универзитетот ‘Колумбија’, под исклучително строги правила. За да учествуваме, мораше да се исполнат сите етички и професионални критериуми, а согласност даде и Етичкиот комитет на Медицинскиот факултет“, изјави Дума.
Тој додаде дека посредник меѓу Универзитетот „Колумбија“ и Институтот за судска медицина бил професорот Горазд Росоклија, научник со македонско потекло, а во проектот учествувале речиси сите доктори од Институтот, како дел од Медицинскиот факултет во Скопје. Според Дума, бројот на испратени мозочни примероци не може прецизно да се утврди, но, како што рече, „сигурно не станува збор за илјадници“.
Дополнително, „360 степени“ на веб-страницата на Националната библиотека за медицина на САД пронајде научен труд од јули 2014 година, објавен од Македонската академија на науките и уметностите – Оддел за медицина. Автори на трудот се Горазд Росоклија, Алексеј Дума и Ендру Џеј Дворк од Универзитетот „Колумбија“. Документот е насловен „Психијатриска збирка на мозоци во Македонија: општи лекции за научна соработка меѓу земји со различно ниво на богатство“ и се однесува токму на оваа форма на меѓународна научна соработка.
Од соговорниците потенцираат дека целата ситуација нема никаква поврзаност со сексуалните злосторства за кои беше осуден Џефри Епштајн, туку станува збор за електронска комуникација во која се пренесуваат делови од новинарско истражување на „Блумберг Бизнисвик“, испратено до Ике Гроф, основач на инвестициската компанија „Турмалин партнерс“.