Формиран Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот, активни над 50 случаи за висока корупција
Владата го основа Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, со цел зајакнување на борбата против организираниот криминал и високата корупција, при што во моментов се активни околу 50 предмети поврзани со корупциски криминал од висок профил.
Од извршната власт посочуваат дека за ефикасна и одржлива борба против корупцијата неопходно е дополнително институционално зајакнување на судството и обвинителството, со акцент на нивната независност, професионалност и неселективно постапување.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека државата конечно зазема цврст и бескомпромисен став против криминалот и корупцијата, нагласувајќи дека процесите нема да завршат само со истраги, туку и со конфискација на нелегално стекнатиот имот.
„Оваа Влада ја започна борбата против криминалот и корупцијата со конкретни чекори, а не со празни декларации. Во фокус се повеќе од педесет предмети за висока корупција – случаи кои со години биле сокривани или одолговлекувани. Ова не е крај, туку почеток. Ќе следат нови истраги и резултати кои треба да ја вратат довербата на граѓаните во институциите. Нема селективна правда, нема недопирливи“, порача Мицкоски.
Националниот совет ќе функционира како надзорен и координациски механизам во рамки на извршната власт, преку институциите со законски надлежности, со задача да го следи потеклото на имотот и да детектира незаконски стекнат имот поврзан со организиран криминал и висока јавна корупција.
Со Советот ќе претседава вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, кој истакна дека телото има клучна улога во стратешкото насочување, координацијата и надзорот на истражните процеси.
„Темелите се поставени, но следната фаза бара силна политичка волја, дополнителни финансиски вложувања и поголема институционална координација. Советот нема да ги замени оперативните институции, туку ќе обезбеди тие да работат со јасни цели и мерлива одговорност. Нашата задача е да обезбедиме силна политичка поддршка и отчетност“, изјави Фетаи.
Процесот за формирање на Националниот совет започна во септември 2025 година со владина одлука, со цел утврдување на јасна политичка насока и подобрување на меѓуинституционалната соработка, особено во области каде досега постоеле слабости во спроведувањето.
На истата владина седница беше усвоена и Националната стратегија за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2025–2028, како и Акцискиот план за 2025–2026 година. Од Владата посочуваат дека документите се усогласени со европските стандарди и претставуваат важен чекор во процесот на интеграција на државата во Европската Унија.