Балканот ги губи последните диви реки: за една деценија исчезнати над 2.400 километри недопрени водни текови

11

Сеопфатна регионална анализа на хидроморфолошките услови на реките на Балканот покажува драматично и забрзано влошување на состојбата на едни од последните недопрени водни патишта во Европа. Според најновиот Извештај за хидроморфолошката состојба на балканските реки за 2025 година, процентот на речиси природни реки во регионот се намалил од 30 проценти во 2012 година на само 23 проценти денес, што претставува загуба од околу 2.450 километри речни текови.

Истражувањето, нарачано од еколошките организации Еуронатур и Ривервоч во рамки на кампањата „Спаси го синото срце на Европа“, опфаќа над 83.800 километри реки во 11 балкански земји. Податоците покажуваат дека сериозно изменетите речни делови се во пораст, додека природните и речиси недопрени водотеци континуирано исчезнуваат.

Од поголемите реки анализирани во студијата, само 23 проценти остануваат речиси природни, 43 проценти се со мали интервенции, додека 27 проценти се умерено до значително изменети. Најзагрозени се речните сливови на Дрина, Неретва, Вардар, Девол и Дрим, каде што инфраструктурните зафати и хидроенергетските проекти оставиле најголем белег.

Иако состојбата е алармантна, експертите нагласуваат дека Балканот и понатаму има значително поголем удел на зачувани реки во споредба со остатокот од Европа, што го прави регионот последно големо прибежиште на диви реки на континентот.

„Долгорочните трендови јасно укажуваат на постојан пад на природните речни делови, пред сè поради големи зафаќања и регулации. Ова создава сериозен јаз меѓу актуелните развојни политики и еколошките стандарди што се очекуваат во процесот на приближување кон ЕУ“, вели д-р Улрих Шварц, автор на студијата од институтот Флувиус – Виена.

Албанија со најбрза деградација на реките

Извештајот издвојува дека Албанија бележи најголема загуба на недопрени и малку изменети реки на Балканот во последната деценија. Забрзаниот развој на хидроенергијата, неконтролираната регулација, црпењето вода и уништувањето на поплавните рамнини драматично го промениле речниот пејзаж во земјата.

„И покрај успешната заштита на Вјоса и дел од нејзините притоки, Албанија изгуби повеќе природни речни делови од која било друга балканска земја. Ова треба да биде сериозно предупредување за властите, особено имајќи ги предвид европските интеграции“, изјави Улрих Ајхелман, извршен директор на Ривервоч.

Како позитивен пример се наведуваат неодамнешните мерки за заштита со кои се зачувани околу 900 квадратни километри речни подрачја, преку стопирање на хидроенергетски проекти, прогласување нови заштитени зони и забрана за мали хидроцентрали. Прогласувањето на Националниот парк „Дива река Вјоса“ се оценува како најзначајниот успех во регионот.

Повик за итна акција

Еуронатур и Ривервоч апелираат за итни и координирани мерки на национално и европско ниво: законска заштита на преостанатите недопрени реки, проширување и строго спроведување на заштитените подрачја, запирање на деструктивниот хидроенергетски развој – особено во Албанија и Босна и Херцеговина, како и воспоставување унифициран систем за мониторинг на реките.

Дополнително, се бара приоритет да се даде на обновување на деградираните речни текови и на управување со поплави и суши засновано на природни решенија, наместо на тешка инфраструктура.

„Балканот сè уште ги има некои од последните диви реки во Европа, но прозорецот за нивна заштита брзо се затвора. Потребна е политичка храброст и одлуки темелени на науката за да се спречи неповратна штета“, порача Анет Спангенберг од Еуронатур.

Македонски