Подолг живот, помалку деца: демографски пад во Македонија

6

Очекуваниот животен век во Северна Македонија е зголемен за една година и сега изнесува 76,6 години, но земјата и понатаму се соочува со сериозен демографски пад. Во 2024 година се родиле 16.061 дете, а починале 20.201 лице, што значи намалување на населението за 4.140 жители.

Ова го покажуваат податоците од „Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија 2025“ на Државниот завод за статистика.

Позитивен природен прираст минатата година имало само во Скопскиот регион, најизразено во општините Сарај (+8,4) и Чаир (+5,5 на 1.000 жители). Во сите останати региони бројот на починати го надминал бројот на родени, а најголем пад е регистриран во Ново Село (-14,8) и Новаци (-13,7).

Во изминатите шест години земјава континуирано бележи негативен природен прираст. Само во една година бројот на живородени деца е намален за речиси 700, од 16.737 во 2023 на 16.061 во 2024 година. Во споредба со 2016 година, кога биле родени над 23 илјади деца, падот е уште поизразен.

Жените во просек живеат подолго од мажите – 78,86 години наспроти 74,48 години. Најчести причини за смрт се болестите на циркулаторниот систем (36,6%), неоплазмите (19,6%) и ендокрините и метаболичките болести (7,7%).

Минатата година е забележан и пад на бројот на склучени бракови – 11.066, што е за 1.600 помалку од претходната година, додека бројот на разводи е зголемен за 259 и изнесува 2.024. Во просек, на 1.000 склучени бракови имало 183 разводи, а највисока стапка на разводи е регистрирана во Вардарскиот, Источниот и Југоисточниот регион.

Податоците укажуваат на продолжување на негативните демографски трендови, и покрај благото зголемување на животниот век на населението.

Македонски