НОВИ СРЕДСТВА ОД ЕУ ЗА РЕФОРМИ: На Македонија и се исплатени 65,7 милиони евра од Планот за раст
Европската комисија денеска изврши нови исплати во рамки на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, при што на сметката на Северна Македонија се префрлени 65,7 милиони евра. Покрај нашата држава, средства добија и Албанија (49 милиони евра) и Црна Гора (44,2 милиони евра).
Овие средства се исплаќаат откако Брисел оцени дека трите земји успешно ги спровеле предвидените клучни реформи во приоритетните области како што се конкурентноста, иновациите, образованието и дигитализацијата.
Фокус на образованието и дигиталната инфраструктура
За Северна Македонија, овој финансиски пакет е наменет првенствено за унапредување на образовниот систем и модернизација на дигиталната инфраструктура во училиштата. Дел од средствата се слеваат директно во државниот буџет како поддршка за реформите, додека остатокот е канализиран преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) за конкретни проекти.
Со оваа последна транша, вкупниот износ на досега исплатени средства за Македонија од овој инструмент достигна 142,1 милион евра.
Што претставува Планот за раст?
Планот за раст за Западен Балкан, усвоен од ЕУ во 2023 година, е амбициозен механизам тежок вкупно 6 милијарди евра. Неговата примарна цел е да ја забрза економската и институционалната интеграција на земјите-кандидати во единствениот пазар на Унијата уште пред официјалното членство.
Според податоците на Европската комисија, состојбата со вкупните исплати во регионот е следна:
- Албанија: 212,8 милиони евра (фокус на деловна клима и стартапи)
- Македонија: 142,1 милион евра (фокус на образование и дигитализација)
- Црна Гора: 89,3 милиони евра (фокус на научни институции)
Останатите земји од регионот – Србија, Босна и Херцеговина и Косово – исто така се дел од овој план, а исплатите кон нив се вршат во фази, во зависност од темпото на реализација на реформските агенди договорени со Брисeл.