Експлозија во јужна Москва: Загинаа три лица, меѓу нив и двајца сообраќајни полицајци
Експлозија ја потресе улицата Елетскаја во јужниот дел на Москва во вторник навечер, при што загинаа три лица, меѓу нив и двајца припадници на руската сообраќајна полиција (ДСП), соопшти Рускиот истражен комитет.
Според официјалните информации, полицајците забележале сомнително лице во близина на службено полициско возило. Во моментот кога се приближиле за да го идентификуваат и приведат, експлозивната направа била активирана.
„Двајца полицајци и едно лице кое се наоѓало во нивна непосредна близина починале на местото на настанот од здобиените повреди“, се наведува во соопштението на Истражниот комитет, пренесува Гардијан.
Неофицијални руски канали на Телеграм објавија дека бомбашот е едно од загинатите лица и дека сам ја активирал експлозивната направа кога полицајците му се приближиле. Овие информации засега не се независно потврдени, наведува Ројтерс.
Инцидент во густо населен дел од градот
Експлозијата се случила во густо населен дел на Москва, околу 1:30 часот по локално време. Снимки емитувани на руските телевизии прикажуваат оградена зона, зголемено полициско присуство и бројни службени возила.
На терен се припадници на Истражниот комитет, полицијата, Росгвардија, како и службите за итна медицинска помош.
Руските власти потврдија дека е отворена кривична постапка, а најавени се медицински, форензички и експлозивно-технички вештачења, со цел да се утврдат:
-
точните околности на настанот,
-
видот на експлозивната направа,
-
и начинот на нејзино активирање.
Државното обвинителство ја презеде истрагата. Засега не е официјално потврдено дали третото загинато лице е напаѓачот, ниту дали постои поврзаност со организирани структури или политички мотиви.
Поврзаност со претходни напади?
Инцидентот се случува само два дена откако во Москва беше убиен рускиот генерал Фанил Сарваров во експлозија на автомобил-бомба, на локација во близина на синоќешниот напад. Ова е трето убиство на висок руски воен функционер во Москва во изминатата година.
По нападот, руски претставници и провоени коментатори повикаа на брза и решителна одмазда.