Левица: Скопје како Европска престолнина на културата ризикува да стане „партиски режирана претстава” со 21 милион евра надвор од јавна контрола
Додека ВМРО-ДПМНЕ се подготвува да го претстави Скопје како Европска престолнина на културата, Левица предупредува дека проектот вреден околу 21 милион евра ризикува да се претвори во „партиски режирана претстава" со непрозрачно управување, исклучоци од јавните набавки и маргинализација на независната културна сцена.
Од Левица посочуваат дека Европската комисија веќе укажала на сериозни недостатоци во транспарентноста на управувањето, стабилноста на финансирањето, навремената реализација и соработката со културните чинители. Наместо историската можност да се искористи за суштинска преобразба на културниот живот, постои опасност европски да биде само насловот, додека практиките на политичко влијание и затворено одлучување ќе останат непроменети, оценуваат од партијата.
„Апсурдот добива уште посериозни размери со предложената законска рамка, со која за проект вреден околу 21 милион евра се предвидува Фондацијата да ги спроведува набавките надвор од општиот режим на Законот за јавни набавки. Со други зборови, за проект што треба да претставува европски културен дострел се предлага исклучок од механизмите што обезбедуваат јавна контрола и конкурентност”, реагираат од Левица.
Оттаму посочуваат дека токму во годината кога Европската комисија констатира нула напредок во јавните набавки, ВМРО-ДПМНЕ предлага посебен модел за располагање со големи јавни средства. Според Левица, по нивните реакции и укажувања за ризиците, предлог-законот бил повлечен.
Кој одлучува, според какви критериуми и под чиј надзор?
Од партијата предупредуваат на опасноста проектот да се концентрира околу тесен управувачки круг, додека независната културна сцена, авторите, уметниците и организациите што со децении го одржуваат културниот живот во Скопје останат без доволно гаранции за суштинско учество.
„Кој ќе одлучува кои проекти заслужуваат поддршка, според какви критериуми, со какви договори и под чиј надзор?”, прашуваат од Левица, оценувајќи дека предложениот модел отвора простор за непрозрачна распределба на средствата, политичко влијание и привилегирање на одредени чинители.
Предупредувањата од Брисел не се нови
Од Левица потсетуваат дека укажувањата за недоволна транспарентност доаѓаат уште од претходниот мониторинг, кога европскиот експертски панел побарал суштински информации за организациската структура, финансиските гаранции, програмата, буџетите и механизмите за следење на реализацијата. Во извештајот за 2026 година, Европската комисија повторно ја нагласува потребата од транспарентно управување, сигурно финансирање и навремено спроведување на проектот.
„Нема ништо европско во настојувањето јавните средства да се трошат според посебни правила без доволно силни надворешни контроли, ниту во претворањето на културниот развој во привилегија на тесен круг одлучувачи”, наведуваат од Левица.
Од партијата најавуваат дека ќе инсистираат на целосна јавност на одлуките, договорите, критериумите и финансиските текови, како и на вистинско учество на независната културна сцена во целиот процес.