СДСМ бара смена на Стоилковиќ: Интерпелација за наводни врски со српски разузнавачки служби, величење на Младиќ и навреди во Собранието

Опозициската СДСМ поднесе интерпелација за министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, обвинувајќи го за дејствување спротивно на државните интереси, наводни контакти со српски разузнавачки структури и недолично однесување кон пратеници во законодавниот дом.

2

Пратеникот на СДСМ Митко Трајчулески на прес-конференција ги образложи причините за иницијативата, посочувајќи дека интерпелацијата се темели на јавните настапи и политичките активности на министерот, неговите наводни врски со српски разузнавачки структури, како и дејствувањето поврзано со руските и кинеските политички агенди.

Трајчулески посебно го отвори прашањето за патувањето на Стоилковиќ во Кина и неговото настапување заедно со делегацијата на Српската напредна партија и претседателот Александар Вучиќ, оценувајќи го тоа како неспоиво со функцијата министер во земја членка на НАТО.

Величање на осуден за геноцид

Од СДСМ реагираат и на содржини во кои, според нив, се величи Ратко Младиќ, правосилно осуден за геноцид пред меѓународните судови. Трајчулески посочи дека интерпелацијата го опфаќа и ова прашање, повикувајќи се на одредби од Кривичниот законик што се однесуваат на одобрување или оправдување геноцид, злосторства против човечноста и воени злосторства.

Навреди и закани кон пратеници

Како дополнителна причина за барањето, пратеникот ги наведе навредите, пцуењето и заканите упатени кон пратениците на СДСМ во Собранието, меѓу кои и кон Фатмир Битиќи, Арбана Пашоли и него лично.

„Стоилковиќ не презел одговорност ниту упатил лично извинување за таквото однесување”, истакна Трајчулески.

Одговорност и на Мицкоски

Трајчулески оцени дека министер во земја членка на НАТО мора да ги почитува стратешките определби и надворешната политика на државата, усогласена со Европската Унија. Тој ја посочи и одговорноста на премиерот Христијан Мицкоски, кој, според СДСМ, го поставил и продолжува политички да го штити Стоилковиќ на министерската позиција.

Од партијата порачуваат дека со интерпелацијата бараат јасен став од парламентарното мнозинство — дали ќе застане зад достоинството на Собранието и државните интереси или ќе продолжи да го поддржува министерот.