Возилата на МВР стануваат мобилни радари: Од 2027 година полициските автомобили ќе регистрираат прекршоци во движење
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека од 2027 година возилата на МВР ќе функционираат и како мобилни уреди за констатирање сообраќајни прекршоци, покривајќи ги деловите од државата каде што сè уште не е поставен системот „Безбеден град".
Министерот Панче Тошковски денеска, по промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026–2030, објасни дека од почетокот на примената ќе бидат вклучени голем број возила на МВР, кои и лоцирани и во движење ќе регистрираат прекршоци на учесници во сообраќајот.
„Возачите веќе научија каде се поставени камерите на ‘Безбеден град’ и таму ги почитуваат правилата, но каде што нема камери — повторно имаме поинаков тип на управување на моторно возило”, рече Тошковски.
Според министерот, примарната цел на мобилните уреди ќе биде детектирање на управување моторно возило со несоодветна брзина.
„Со возилата на МВР ќе можеме да детектираме, пред сè, управување моторно возило со несоодветна брзина. Оние коишто несовесно ги управуваат моторните возила полека научија каде се камерите, и тоа е добро. Е сега, нема да можат да претпостават каде ќе бидат полициските возила”, истакна Тошковски.
Директна врска со дигиталниот систем за прекршоци
Министерот нагласи дека констатираните прекршоци директно ќе бидат внесувани во дигиталниот електронски систем за доставување, спроведување и процесирање на сите прекршоци, што значи дека казните ќе стигнуваат автоматски, без потреба од дополнителна административна обработка на терен.
„Ценам дека таков тип на контрола е нужен за да можеме да го смириме сообраќајот и таму каде што немаме поставено камери. Оваа мерка ќе биде многу клучна, особено во насока на остварување на целите на стратегијата”, додаде Тошковски.
„Безбеден град” — до крајот на годината на цела територија
Паралелно со подготовките за мобилната контрола, МВР го забрзува и ширењето на фиксниот систем „Безбеден град”. Тошковски соопшти дека до крајот на овој месец треба да заврши воведувањето на системот во СВР Струмица и градовите што ги покрива овој сектор, по што ќе следи имплементација во СВР Штип.
Очекувањата се системот „Безбеден град” да се применува на целата територија на државата до крајот на годинава или најдоцна до почетокот на 2027 година, кога и мобилните полициски возила ќе станат дел од интегралниот систем за сообраќајна контрола.