Воената академија се оградува од Богојески: Личните ставови не се институционални позиции, иницијативите одат на разгледување

Воената академија „Генерал Михаило Апостолски" во Скопје официјално се огради од јавните настапи и ставови на доц. д-р Петар Богојески, нагласувајќи дека тие не претставуваат позиции на институцијата и најавувајќи дека пристигнатите иницијативи за неговото однесување ќе бидат предмет на институционално разгледување.

7

По повод реакциите во јавноста и доставените иницијативи поврзани со јавните настапи и изнесените ставови на доц. д-р Петар Богојески, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје смета дека е потребно да ја информира јавноста за својата институционална позиција и за понатамошното постапување.

Академијата јасно нагласува дека јавните настапи и ставови на нејзините вработени, изнесени во лично својство, не претставуваат официјални позиции на институцијата, доколку лицето не е овластено да настапува во нејзино име. Воената академија не се поистоветува со личните политички, идеолошки или други ставови на своите вработени.

Истовремено, Академијата нагласува дека академската слобода и слободата на изразување не ја исклучуваат професионалната и етичката одговорност. Воената академија има усвоено Етички кодекс со кој се утврдени стандарди за професионално однесување и јавна комуникација, како и механизми за разгледување на евентуални повреди на тие стандарди.

Во таа насока, доставените иницијативи и материјали ќе бидат упатени на разгледување до надлежните тела на Академијата, со цел утврдување на релевантните факти и оценување на евентуалното постоење повреди на професионалните и етичките обврски. Согласно Етичкиот кодекс, предвидени се можности за укажување, формално оградување од јавни ставови и иницирање соодветна постапка пред надлежниот работодавец, доколку за тоа постои правна основа.

Академијата ќе постапува во рамките на своите законски надлежности, имајќи предвид дека правата, обврските и одговорностите на воениот и цивилниот кадар се уредени со различни прописи. Секоја евентуална мерка ќе се темели на утврдени факти, непристрасна постапка и почитување на правата на засегнатите лица.

Воената академија ја уверува јавноста дека доставените иницијативи нема да останат без институционално разгледување и дека, по завршувањето на постапувањето, јавноста ќе биде информирана за донесените заклучоци и преземените мерки, во рамките на законските можности.

Заштитата на угледот на Воената академија, довербата на јавноста и достоинството на академската и воената професија остануваат трајни институционални обврски, кон кои Академијата ќе пристапува одговорно, доследно и законито.

Воената академија е високообразовна и научноистражувачка институција со посебна општествена одговорност во образованието, воспитувањето и професионалното оспособување на идниот офицерски кадар. Токму поради специфичноста на нејзината мисија, Академијата придава особено значење на почитувањето на академските, професионалните и етичките стандарди, човековото достоинство и институционалниот интегритет.

Воената академија ја почитува слободата на мислата и јавното изразување како уставно загарантирани права на секој поединец, вклучително и на членовите на академската заедница. Сепак, остварувањето на овие права подразбира и лична одговорност за јавно изнесените ставови и постапки.

Воена академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје

(интегрален текст од соопштението на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ – Скопје)