АВМУ: Новинарката на „Под лупа” постапувала професионално, ставовите на Богојески за „машка контрола” се неприфатливи

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) утврди дека новинарката на телевизијата Алфа постапувала согласно професионалните стандарди во емисијата „Под лупа", додека истовремено остро ги осуди изјавите на Петар Богојески за потребата од „машка контрола" врз жените, оценувајќи ги како релативизација и оправдување на насилството.

4

АВМУ денеска информираше дека извршила увид во емисијата „Под лупа” на телевизијата Алфа, во која претседателот на партијата „Македонски Концепт” Петар Богојески изјави дека на жените им е потребна „машка контрола”. По спроведената анализа, Агенцијата констатираше дека водителката поставувала релевантни прашања, ги доведувала во прашање изнесените тврдења и барала нивно дополнително образложение.

„Секој учесник во јавна дебата, особено јавна личност, сноси лична одговорност за јавно изнесените ставови и пораките што ги упатува до граѓаните. Улогата на професионалното новинарство е да отвора прашања од јавен интерес, да овозможува аргументирана дебата и критички да ги преиспитува изнесените тврдења”, соопштија од АВМУ.

Осуда за релативизација на насилството

Истовремено, Агенцијата недвосмислено ги осуди ставовите на Богојески, оценувајќи дека со нив се релативизира и оправдува насилството врз жените и децата, се промовира нивната подредена положба и се прави обид таквите сфаќања да се претстават како традиционални вредности.

„Ваквите пораки се неприфатливи и се во спротивност со основните принципи на почитување на човековите права, еднаквоста и човечкото достоинство. Насилството, понижувањето и нееднаквоста не се традиционални вредности и не можат да бидат оправдани под каков било изговор”, нагласија од АВМУ.

Од Агенцијата посебно истакнаа дека е недозволиво физичкото насилство врз децата да се претставува како прифатлив начин на воспитување, ниту пак насилството врз жените да се третира како нормален дел од семејните односи.

Реакцијата на АВМУ доаѓа по бурата во јавноста предизвикана од изјавите на Богојески, кои веќе наидоа на осуда од повеќе политички партии, граѓански организации и меѓународни претставници во земјава.