„Машки надзор” врз жените предизвика бура: Владината портпаролка Митева и ЛДП бараат осуда на Богојески, јавноста прашува дали тоа е став на Владата
Изјавите на претседателот на Македонски концепт и професор на Воената академија Петар Богојески за потребата од „машки надзор" врз жените и релативизирањето на насилството во брачните односи предизвикаа остри реакции од владината портпаролка Марија Митева и од Либерално-демократската партија, која бара јавно оградување на премиерот Мицкоски.
Марија Митева, владината портпаролка и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, остро реагираше на изјавите на Богојески, оценувајќи ги како понижувачки, ретроградни и опасни.
„Да се зборува за жената како за личност на која и е потребен надзор е недозволиво. Најстрашно, во неговите изјави се релативизира насилството во партнерските односи и тоа е опасно и заслужува најостра јавна осуда”, порача Митева.
Таа нагласи дека како претседателка на Унијата на жени, но пред сè како жена, најостро ги осудува ваквите ставови и потсети на иницијативата „За една повеќе”.
„За една жена повеќе која ќе добие можност, која ќе биде почитувана, која ќе биде слободна да одлучува, да создава, да води и да успева”, истакна Митева.
Митева воедно го отвори и прашањето за одговорноста на медиумите при отстапувањето простор за ставови што го поткопуваат човечкото достоинство.
„Слободата на говорот е темелна демократска вредност, но медиумската видливост не е право на секој што посегнува по навреда и понижување. Вреди да се размисли дали и во колкава мера на ваквите ставови треба да им се отстапува простор”, посочи таа.
ЛДП: „Дали ова е новата владина политика?”
Либерално-демократската партија (ЛДП) излезе со уште поостра реакција, директно прашувајќи дали ставовите на Богојески го претставуваат и ставот на Владата, со оглед на тоа што неговата партија Македонски концепт е дел од владејачката коалиција.
„Дали ова е официјалниот став на Владата и дали токму поради вакви сфаќања во сопствените редови со месеци се блокира и не се изгласува законското решение за електронски нараквици за насилниците?”, прашуваат од ЛДП.
Особено загрижувачки, според партијата, е фактот што Богојески е професор на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски”. Од ЛДП бараат од Академијата и од Министерството за одбрана да одговорат дали ваквите ставови се во согласност со вредностите што им се пренесуваат на идните офицери.
Зајкова: „Потребни се електронски нараквици за насилниците”
Лидерката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова потсети дека повеќепати го предлагала законското решение за воведување електронски нараквици за лицата осудени за семејно насилство.
„Токму за ваквите скриени и потенцијални насилници како дотичниот владин партнер е потребно итно донесување на ова законско решение”, заклучи Зајкова.
Од ЛДП бараат премиерот Христијан Мицкоски, Владата и Министерството за одбрана веднаш јавно да се оградат и да ги осудат изјавите, најавувајќи дека во спротивно ќе ги сметаат за одговорни за последиците од толерирањето на вакви пораки.
Што точно изјави Богојески?
Реакциите следуваат по телевизиската дебата на Алфа телевизија, во која Богојески зборуваше за феминизмот, брачните односи и улогата на мажот. Еден од најспорните моменти беше кога тој постави прашање дали неверството на сопругата може да се смета за насилство врз сопругот, а потоа изјави:
„Тоа неговото не е насилство. Неговото е реакција на заштита на неговото достоинство”.
Богојески тврдеше и дека феминизмот ги поттикнал жените да го отфрлат „машкиот надзор”, а однесувањето на жени на настан во „Europe House” во Скопје го оцени како девијантно, поврзувајќи го со отсуството на машки надзор.
„Еве ви доказ како се однесува жена без машки надзор”, посочи тој.