Зелена и дигитална транзиција во Македонија: Напредок постои, но асиметријата меѓу двата процеса носи финансиски ризик од стотици милиони евра
Северна Македонија напредува во зелената и дигиталната транзиција, но со значително различна динамика и ограничена координација меѓу институциите, а доцнењето на реформите може директно да се одрази врз пристапот до 750,4 милиони евра европски средства предвидени за земјава, предупредуваат авторите на новата анализа на Институтот за демократија „Социетас Цивилис".
Анализата насловена „Двојна по име, асиметрична по мерка – Зелените и дигиталните реформи во Северна Македонија: асиметрии, јазови, причини и финансиски ризик” беше претставена во Europe House во Скопје. Публикацијата е подготвена од Институтот за демократија „Социетас Цивилис” – Скопје, во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер и Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс.
Авторите Анамарија Велиновска и Кире Миловски укажуваат дека двата процеса најчесто се планираат, спроведуваат и оценуваат одделно, без постојан механизам за заедничко следење. Националната проценка, која опфаќа 11 области, покажува најголем напредок кај обновливите извори на енергија и електронските јавни услуги, додека климатската политика, управувањето со отпадот и квалитетот на воздухот остануваат области со ограничена подготвеност.
„Граѓаните и понатаму можат да се соочат со потреба од доставување хартиени документи или посета на институциите”, посочи Миловски, нагласувајќи дека воведувањето електронски услуги само по себе не значи дека административните постапки се целосно дигитализирани.
Законот за климатска акција — седум години доцнење
Како илустративен пример за доцнењето на зелените реформи, во анализата е наведена подготовката на Законот за климатска акција, започната уште во февруари 2019 година. Првично било предвидено законот да биде доставен до Собранието во 2021 година, а по повеќе одложувања, дури во 2026 година тој се наоѓа во собраниска постапка.
Ова доцнење директно влијае врз воспоставувањето систем за следење, известување и верификација на емисиите, како и врз подготовките за воведување цена на јаглеродот — прашања од клучно значење поради европскиот Механизам за јаглеродно прилагодување на границите (CBAM), кој веќе влијае врз условите за извоз на одредени македонски производи во ЕУ.
750,4 милиони евра на маса — условени од реформите
Финансиските последици од доцнењето се особено значајни во контекст на Инструментот за реформи и раст на ЕУ, преку кој за Северна Македонија е предвидена индикативна распределба од 750,4 милиони евра за периодот 2024–2027 година. Исплатите зависат од исполнувањето конкретни реформски обврски, па доцнењето може да доведе до одложување, намалување или целосно губење дел од средствата, предупредуваат авторите.
Андоновски: Дигитализацијата чини 40 милиони, енергетиката — милијарда
На панел-дискусијата учествуваа министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, раководителот на секторот за соработка при Делегацијата на ЕУ Стефано Елеро и државниот секретар во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини Горан Јовановски.
Андоновски посочи дека разликите во динамиката се поврзани и со обемот на потребните инвестиции.
„Двата државни податочни центри чинат вкупно не повеќе од 40 милиони евра, а Чебрен и Галиште најмалку една милијарда евра”, рече министерот, додавајќи дека е потребна поголема работа за прифаќање на дигитализацијата од страна на граѓаните и компаниите.
Повик за парламентарен надзор
Претседателот на Институтот за демократија Марко Трошановски повика на поактивен граѓански и парламентарен надзор врз реформите.
„Време е и Собранието да го зголеми надзорот врз реформите што кај нас доцнат”, истакна Трошановски, потсетувајќи на иницијативата за меѓупартиска парламентарна група за следење на Реформската агенда.
Институтот препорачува забрзано донесување на Законот за климатска акција, зајакнување на кадровските капацитети, подобра меѓуинституционална координација и следење на реалните ефекти од реформите врз животната средина, јавните услуги и стопанството.