Како да се заштитат изборите од странско мешање и лажни вести: Презентиран Патоказ со итни мерки против изборни дезинформации
Институционални контакт-точки, строга контрола на парите за онлајн рекламирање и заштита на медиумската независност се дел од препораките на „Метаморфозис“, „Интернешенел ИДЕА“ и Амбасадата на Канада.
Воспоставување итни контакт-точки во сите институции поврзани со изборниот процес, дефинирање строги меѓуинституционални протоколи за брза реакција при дезинформациски напади, обезбедување независност на проверувачите на факти и целосна транспарентност на парите што се трошат на социјалните мрежи. Ова се клучните препораки содржани во Нацрт-патоказот за политики и отчетност против странско мешање и манипулации со информации (ФИМИ), што денеска беше презентиран во Скопје.
Документот е изработен од Фондацијата „Метаморфозис“, во соработка со меѓународната организација „Интернешенел ИДЕА“ и со поддршка од Амбасадата на Канада, во рамките на конференцијата „Од докази до акција: Зајакнување на отпорноста кон изборно поврзани ФИМИ во Северна Македонија“.
Меѓународни пораки: Ниту една демократија не е имуна на манипулации
Амбасадорката на Канада за Србија, Црна Гора и Северна Македонија, Мишел Камерон, порача дека борбата против дезинформациите не е проблем само на една држава, туку глобален демократски предизвик.
„Го немаме луксузот да мислиме дека ФИМИ се туѓ проблем. Како во Канада, така и во секоја демократска земја, ова е предизвик со кој ниту една држава не може да се соочи сама. Институциите се важни, но одговорноста мора да биде споделена и со граѓанските организации и со медиумите. Мора да обезбедиме прецизна комуникација со граѓаните, да ја изградиме нивната доверба, бидејќи изборите се процес базиран врз доверба дека резултатите се коректни“, истакна Камерон.
Алберто Фернандез Гибаха од „Интернешенел ИДЕА“ додаде дека Нацрт-патоказот е плод на повеќегодишни истражувања и дијалози, нудејќи конкретни механизми за градење институционална и општествена отпорност.
Итни протоколи и транспарентност за парите на социјалните мрежи
Патоказот содржи пакет-мерки кои можат да се спроведат веднаш, без потреба од законски измени, но и долгорочни системски решенија.
Според Горан Ризаов од Фондацијата „Метаморфозис“, ранливоста на македонското општество од странски манипулации произлегува од длабоката политичка поларизација, кревкиот медиумски пазар и ниската доверба во институциите. Тој алармираше дека политичката комуникација масовно се сели онлајн, каде што изостанува соодветна контрола.
„Отчетноста на платформите мора да биде реална. Мора да има точни податоци за тоа кој плаќа за политичко рекламирање пред, за време и по изборите. Мониторингот за изборите покажа дека најголемите фејсбук-страници поврзани со партиските лидери потрошиле над 150.000 евра само на платформите на „Мета“, нагласи Ризаов.
Како приоритети се наведени деблокирањето на измените на Изборниот законик, спојување на изборниот регистар на ДИК со регистарот на АВМУ, како и воведување задолжителна независна ревизија по секој изборен циклус за да се евалуира брзината на институционалната реакција на дигиталните закани.
Медиумите меѓу партиските пари и професионалните стандарди
На панел-дискусијата посветена на улогата на медиумите, Билјана Настеска Каланоска од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го отвори прашањето за ризиците од платеното политичко рекламирање кое се финансира од државниот буџет, посочувајќи дека ваквиот модел директно влијае врз уредувачката независност на редакциите.
Перо Момировски од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) оцени дека егзистенцијалната зависност на дел од медиумите од партиските кампањи го урива квалитетот, додека Билјана Георгиевска од Советот за етика во медиумите (СЕММ) предупреди на новите предизвици со скриеното рекламирање, политичките инфлуенсери и неконтролираната употреба на алатките за вештачка интелигенција.
Зорана Гаџовска Спасовска, уредничка на „Колегиум.мк“, констатираше дека медиумите се соочуваат со сериозен дефицит на време и кадар за длабинска проверка на фактите наспроти моќните партиски ПР-машинерии.
ДИК: Заштита на информацискиот простор без цензура
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ, порача дека денес изборната битка во голема мера се води во дигиталниот простор каде што се креира јавното мислење.
„Потребата од сајбер-безбедност и заштита од ФИМИ е огромна, но мора да внимаваме сите заштитни мерки да не бидат на штета на слободата на изразување. Искуствата од земји како Шведска, која има специјализирани агенции за заштита на медиумскиот простор и психолошка одбрана, покажуваат дека со системски пристап странското влијание може значително да се намали“, изјави Маричиќ.
На настанот свои придонеси дадоа и претставниците на Министерството за дигитална трансформација, Александар Османли, како и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски односно претставникот Сашо Богдановски.