Жерновски: Кога резултатите ти се „тиња“, тогаш зборуваш за „талог“ – Мицкоски го искористи Денот на независноста за нови поделби

10

Опозициската СДСМ денеска упати остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски за неговиот говор по повод 35-годишнината од независноста на Македонија. Членот на Извршниот одбор на партијата, Андреј Жерновски, на прес-конференција оцени дека наместо државнички пораки за единство и заедништво, премиерот повторно ја активирал навредливата реторика и кампањата „Талог“ насочена против неистомислениците.

„Операцијата „Талог“ е обид за сеење омраза и цензура“

Според Жерновски, премиерот директно се заканил со правна пресметка кон граѓаните кои ги етикетира со погрдни имиња, седејќи во друштво на државниот обвинител. Тој оцени дека ваквиот пристап на власта се потпира на автократски методи и репресија.

„Прво забранија да се зборува во Собранието за мигрантите. Потоа во Ново Село беа нападнати млади луѓе само затоа што развија транспарент за проблемите со водата во Гостивар. Пред неколку дена наш советник од Кавадарци беше повикан на полициски распит само поради Фејсбук статус со кој ги бранеше земјоделците. Ова е реалноста во држава која навидум е демократска, но во пракса е сè подалеку од европските вредности“, нагласи Жерновски.

„Економски крах и замрзнат европски пат“

Претставникот на СДСМ посочи дека вистинската причина за ваквите агресивни политички настапи е обидот да се дефокусира јавноста од отсуството на реални резултати во клучните општествени ресори.

„Кога резултатите во економијата, здравството, образованието и земјоделството ти се „тиња“, тогаш единствено што ти преостанува е да зборуваш за „тиња“ и „талог“. Реалноста е поразителна: синдикалната кошничка со пресметана кирија надмина 90.000 денари, минималната плата останува замрзната на 26.000 денари, а јавниот долг за само две години е зголемен за нови 4 милијарди евра. Граѓаните веќе ја прочитаа оваа политика, а Мицкоски изгуби над 150.000 гласачи“, изјави Жерновски.

Обвинувања за селективна правда и уривање на правната држава

Жерновски предупреди дека со блокирањето на евроинтеграциите и промовирањето на ретроградни политики – како што е јавното толерирање на величењето на воениот злосторник Ратко Младиќ – власта свесно избегнува европска контрола врз правосудството.

„Кога нема Европска Унија, нема ни независно европско обвинителство, а тогаш правдата се сведува на телефонски повици. Така експресно се ослободува Никола Груевски, Белата палата одеднаш се прогласува за „чиста“, а насилници и криминални тендери остануваат без законска одговорност“, посочи тој.

На крајот, Жерновски порача дека СДСМ бескомпромисно ќе застане во одбрана на слободата на говорот, демократијата и европскиот курс на државата, изразувајќи уверување дека граѓаните на следните избори ќе ја казнат политиката на навреди и поделби.