СДСМ бара оставка на Тошковски: Како Михаилова ја напуштила земјата со одземени пасоши?

Опозициската обвинува за серија пропусти во работата на МВР и граничната полиција, повикувајќи се на случајот со Ива Михаилова, но и на низа други инциденти поврзани со безбедноста на државните граници.

4

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска излезе со остро соопштение во кое го обвини раководството на Министерството за внатрешни работи за системски пропуски и нетранспарентно работење. Повод за реакцијата е случајот со Ива Михаилова, која, според тврдењата на опозицијата, успеала да ја напушти земјата и покрај судската мерка со која и биле одземени и македонскиот и бугарскиот патнички документ.

Контрадикторни изјави за преминувањето на границата

Од СДСМ укажуваат на серија контрадикторности во јавните изјави поврзани со случајот. Според партијата, Михаилова тврди дека границата ја поминала легално, со лична карта, и дека граничните службеници биле запознаени со нејзиното заминување. Од друга страна, МВР соопштило дека не постои евидентиран излез од земјата, додека бугарската гранична полиција тврди дека не е забележан нејзин влез на нивна територија.

„Како излегла Михаилова од земјата ако и се одземени двата пасоши – и бугарскиот и македонскиот?“, прашуваат од СДСМ, барајќи од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да даде јасен одговор.

Серија обвиненија за безбедносни пропусти

Опозициската партија го поврза случајот со Михаилова со низа други инциденти кои, според нив, укажуваат на длабоки системски проблеми во безбедносниот сектор. СДСМ ги потсети јавноста на случајот со петте тони дрога кои, како што тврдат, поминале преку државната граница без реакција на надлежните, на бегството на осомничениот нарко-дилер познат како „Цуната” од полициската станица во Кочани, како и на пуштањето од затвор и куќен притвор на лица осомничени за тешки кривични дела.

СДСМ, исто така, ја критикуваше изјавата на премиерот Тимчо Муцунски во врска со случајот Михаилова, во која тој истакна дека судската постапка е работа на судството и дека извршната власт не се меша, додавајќи дека Македонија е подготвена да прими бугарски лекари за консултација како „гест на добра волја, а не како обврска”.

Критики за системите за надзор

Во соопштението, СДСМ изрази загриженост и за функционирањето на системите за надзор. Партијата ги спомена наводите на министерот Тошковски за постоење на систем за следење комуникации, како и активирањето на системот „Safe City” без соодветна законска рамка која би ги спречила евентуалните злоупотреби на приватноста на граѓаните.

Барање за оставка и одговорност

СДСМ повтори дека во повеќе наврати барала смена на актуелниот министер за внатрешни работи, обвинувајќи го за низа пропуски – од ослободување на лица осомничени за насилство, преку нереагирање на пријави за семејно насилство со трагични последици, до неспособност да се обезбеди контрола на државните граници.

„Границата не е решето само за дрога и за бегалци од правда. Со оваа власт, границата е решето и кога судот ќе забрани“, се наведува во соопштението.

Опозициската партија побара итна истрага за сите наведени случаи, утврдување на одговорност и оставка на министерот Тошковски.

Од МВР и од Владата засега нема дополнителен коментар на најновите обвинувања на СДСМ.