ФИЛИПЧЕ АЛАРМИРА: Македонија ризикува да остане надвор од буџетот на ЕУ и трајно да ја запечати европската иднина

9

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, упати сериозно предупредување до власта дека Македонија се соочува со опасност да не биде вклучена во наредниот седумгодишен буџет на Европската Унија. Според него, без обезбедени средства во европската каса, приемот во Унијата станува невозможна мисија, што е лекција веќе научена од претходните бранови на проширување.

Филипче ја критикуваше актуелната реторика на Владата, посочувајќи дека премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова конечно признале дека билатералните протоколи со Бугарија не се дел од Преговарачката рамка, со што се руши целиот претходен наратив на ВМРО-ДПМНЕ.

„Процес со предумисла“ за запирање на европскиот пат

Лидерот на опозицијата смета дека власта свесно ширела „хистерија“ и давала ветувања за кои однапред знаела дека се неостварливи, како што е менувањето на условите за преговори со Брисел.

„Од власта дефинитивно признаваат дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка. Тогаш, врз основа на што се градеше целиот отпор досега? Очигледно е дека станува збор за „процес со предумисла“ – се играше на емоциите на граѓаните само за да се закотви државата и да се запре патот кон ЕУ“, изјави Филипче.

Иронија со „внатрешните гаранции“ и разговорите под „радар“

Филипче го карикираше концептот на власта за т.н. „внатрешни гаранции“ како заштита од нови вета, потенцирајќи дека такво нешто во меѓународната дипломатија не постои.

„Што се тоа внатрешни гаранции? Ќе си кажеме самите на себе дека сме Македонци? Тоа е обична игранка. Претседателката Сиљановска веќе призна дека таква можност нема, а ЕУ јасно кажа дека нема ниту одложена примена на уставните измени. Прашањето е: ќе седиме ли во место стравувајќи од хипотетички блокади во иднина, додека во сегашноста ја губиме шансата на генерацијата?“, праша Филипче.

Тој додаде дека на средбите со странските дипломати воопшто не слушнал за никакви преговори што се водат „под радар“ или „под маса“, како што најавуваше премиерот Мицкоски.

Поддршка само за реални решенија, а не за губење време

СДСМ најави дека ќе поддржи секоја иницијатива која реално може да ја подобри позицијата на Македонија во преговорите, но само доколку тие предлози имаат шанса да бидат прифатени од Брисел и сите земји членки.

„Не можеме да поддржуваме нереални сценарија кои само ни го трошат времето. Ако ни се затвори вратата за наредниот буџетски циклус на ЕУ, одговорноста ќе биде исклучиво на оваа Влада која го жртвува стратешкиот интерес за дневна политика“, заклучи Филипче.

Македонски