ВЛЕН со остри критики до ДУИ: „Го блокираат законот за правична застапеност бидејќи веќе не се на власт“
Политичката партија „ВЛЕН“ упати серија обвинувања до Демократската унија за интеграција (ДУИ), тврдејќи дека опозициската партија директно работи против интересите на Албанците со блокирањето на новиот Предлог-закон за правична застапеност. Според ВЛЕН, ваквото однесување е обид за политичка одмазда кон гласачите кои ги испратија во опозиција.
Дритон Сулејмани од ВЛЕН денеска изјави дека раководството на ДУИ во Мала Речица креира лажен наратив за загрозеност на албанските права само за да го оправда сопственото отсуство од извршната власт.
„Албанците имаат права само кога ДУИ е на власт?“
„Во Мала Речица скроиле опасен план. Сакаат да прикажат филм дека правата на Албанците се загрозени само затоа што ДУИ не е дел од Владата. За нив, очигледно, Албанците имаат права само кога нивните кадри седат во фотелјите. Корумпираното раководство не може да му прости на мнозинството што ги прати во опозиција, па сега се одмаздуваат блокирајќи закон кој треба трајно да ја гарантира застапеноста“, истакна Сулејмани.
Според него, јавноста одамна ја препознала „шемата“ на ДУИ, каде зад патриотската реторика стојат лични и бизнис интереси.
„Зад полната уста патриотизам останаа само обични тендераши кои се борат за функции и привилегии. Ако продолжат да одат контра Охридскиот договор и да го кочат овој закон, уште многу долго ќе останат во опозиција“, порача Сулејмани.
ДУИ: Законот е безвреден и без правни гаранции
Од друга страна, интегративците остануваат на ставот дека предложениот законски текст е само „форма без суштина“. Според ДУИ, законот што го предлага владејачкото мнозинство нема цврсти правни гаранции ниту ефикасни механизми за реална имплементација.
Опозициската партија смета дека ваквиот текст всушност го поткопува клучниот принцип на правична застапеност кој е темел на Охридскиот рамковен договор, и најавува дека нема да поддржи решение кое го деградира постигнатото ниво на колективни права.
Овој судир меѓу ВЛЕН и ДУИ најавува жестока парламентарна дебата за законот кој треба да го замени „Балансерот“, додека меѓуетничките и политичките тензии околу ова прашање продолжуваат да растат.