НОВА ВИЗНА ПОЛИТИКА: Русија и Кина губат безвизен режим за Црна Гора од ноември

10

Граѓаните на Русија и Кина повеќе нема да можат да влегуваат во Црна Гора без виза, почнувајќи од 1 ноември 2026 година. Одлуката е дел од процесот на хармонизирање на визната политика на Подгорица со стандардите на Европската Унија, во рамките на финалната фаза на преговорите за членство.

Освен Русија и Кина, визен режим ќе се воведе и за граѓаните на Белорусија, Саудиска Арабија и Турција, со што Црна Гора значително ја заострува контролата на влезот во земјата.

Клучен чекор кон затворање Поглавјето 24

Министерството за надворешни работи на Црна Гора соопшти дека оваа измена на Регулативата за визи претставува еден од последните критериуми потребни за затворање на Поглавјето 24 од преговорите со ЕУ, кое се однесува на правдата, слободата и безбедноста.

Исполнувањето на овој критериум, покрај правното усогласување, директно го отвора и патот за финансиска поддршка. Конкретно, со затворањето на ова поглавје, Подгорица добива пристап до околу 4 милиони евра предвидени во Европскиот план за раст за Западен Балкан.

Аплицирање и преку VFS Global

Покрај промената на листата за безвизен влез, властите воведоа и административни олеснувања за оние на кои им е потребна виза. Апликациите за визи отсега нема да бидат ограничени исклучиво на мрежата на дипломатски претставништва, туку граѓаните ќе можат да аплицираат и преку меѓународната визна служба VFS Global, која оперира во голем број земји.

Оваа одлука е дел од поширокиот процес во кој Црна Гора, под раководство на новата проевропска влада, системски ги исполнува обврските за членство и се позиционира како водечка земја-кандидат за влез во ЕУ.

Македонски