ОПРАВДАН СТРАВ ОД ПРАВДА: Власта ја држи Македонија во изолација за да ја избегне европската одговорност
Актуелната власт предводена од Христијан Мицкоски свесно го кочи евроинтеграцискиот процес на државата, не поради идеолошки убедувања, туку поради страв од воспоставување на независен правосуден систем и европски стандарди за одговорност, се наведува во најновото соопштение на СДСМ. Додека граѓаните очекуваат подобар стандард и влез во ЕУ, власта бара алиби за прикривање на неисполнетите ветувања.
Според наводите во соопштението, патот на Македонија кон Европската Унија е директно загрозен од политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Се посочува дека лажните ветувања за националните интереси и договорите со соседите биле само средство за освојување на власта, додека денес државата се соочува со стагнација и изолација.
„За македонскиот народ, Европа значи подобар живот, висок животен стандард, силна економија и пристап до квалитетно образование. За граѓаните, ЕУ е надеж за младите да напредуваат дома. Наспроти ова, за владејачката структура, Европа претставува закана – крај на неказнивоста и крај на сомнителните тендери“, стои во реакцијата.
Економска неодржливост и најава за нови избори?
Во текстот се предупредува дека Мицкоски ја одржува социјалната стабилност преку континуирано задолжување, но дека тој простор забрзано се стеснува. Се предвидува дека кога буџетските можности ќе се исцрпат, власта ќе прибегне кон својата стара стратегија – барање изговори за предвремени избори преку националистичка реторика за „патриоти и предавници“.
„Мицкоски не може да признае дека нема излез за економијата, па затоа му е потребно ново алиби. Сепак, граѓаните веќе не се наивни и препознаваат дека зад патриотските говори се крие немоќ за спроведување на реални реформи“, се додава во соопштението.
Дилеми за националниот карактер на партијата
Особено остри се критиките во делот на идентитетските прашања. Реакцијата ја доведува под знак прашалник автентичноста на „промакедонскиот“ карактер на партијата на власт, упатувајќи на информации дека значителен број функционери, пратеници и членови на нивните семејства поседуваат странски државјанства и пасоши на соседни земји.
„Народот јасно кажа дека сака европска Македонија и правда. Ниту една криминална група нема да успее да ја украде иднината на граѓаните кои сакаат да живеат во достоинствена и правна држава“, се заклучува во партиското соопштение.
Политичката поларизација околу европскиот пат на земјата продолжува да биде главна точка на пресметка меѓу власта и опозицијата, додека Брисел очекува конкретни чекори во реформската агенда.