ГРУЕВСКИ ОД УНГАРИЈА: Становите на Водно никогаш не биле мои, пресудата е резултат на уцените на Заев

11

Поранешниот премиер Никола Груевски преку социјалните мрежи упати демант во врска со неодамнешните најави за продажба на конфискуваните станови во случајот „Плацеви на Водно“. Груевски тврди дека недвижностите никогаш не биле во негова сопственост и дека целиот судски процес бил политички монтиран под директен притисок на неговиот наследник Зоран Заев.

Никола Груевски, кој веќе неколку години се наоѓа во азил во Унгарија, вели дека медиумските објави за продажба на „негови“ станови се обид за дезинформирање на јавноста. Според него, обвинителството во текот на постапката не понудило ниту еден материјален доказ – договор, потпис или потврда за трансакција – што би го поврзало со спорниот имот.

„Обвинителството не докажа ниту дека сум платил едно евро за тие станови, ниту од каде потекнуваат парите за нив. Тврдењата дека сум земал пари од партиската каса беа демантирани во судницата од официјални претставници на самата партија“, пишува Груевски во својата реакција.

Тврдења за брутални уцени врз бизнисменот Камчев

Клучниот момент за пресудата, според Груевски, бил пресвртот во сведочењето на бизнисменот Јордан Камчев. Експремиерот тврди дека Камчев бил принуден да ја промени својата изјава пред самиот крај на процесот поради сериозни закани упатени кон него и неговото семејство.

„Камчев беше повикан кај обвинителката Лиле Стефановска каде му беше соопштена уцената: или ќе каже дека становите се за мене, или тој ќе добие 12 години затвор, а неговата мајка и соработници исто така ќе завршат зад решетки. За да го спаси своето семејство, тој прифати да ја промени приказната и да „жртвува“ три стана од зградата што ја градел“, тврди Груевски.

Тој додава дека и сведочењата на Мето Стојчевски биле контрадикторни, а наводната инволвираност на Сашо Мијалков во овој случај била негирана од самиот Мијалков пред судот.

Обвинувања за селективна правда и улогата на Заев

Груевски не штедеше зборови ниту за Зоран Заев, кого го нарекува главен архитект на неговиот политички прогон. Според поранешниот премиер, судиите биле под огромен притисок да ги игнорираат аудио-снимките и доказите кои оделе во негова корист.

„Додека јас сум предмет на монтирани процеси, Зоран Заев ги инвестира своите пари во Дубаи, Таџикистан и Грција, уживајќи на луксузна јахта без да ги почувствува последиците од своите злодела против Македонија“, заклучува Груевски.

Случајот „Плацеви на Водно“ резултираше со правосилна пресуда според која државата веќе започна постапка за продажба на трите луксузни апартмани во комплексот „Панорама резиденс“, проценувајќи ги на милионски суми со цел враќање на средствата во буџетот.

Македонски