ПРОТЕСТЕН МАРШ НА ДУИ ВО ТЕТОВО: Скромна масовност под засилено полициско обезбедување

6

Со извици „УЧК“ и реторика фокусирана на Охридскиот договор, неколку стотини поддржувачи на Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска излегоа на протестен марш низ улиците на Тетово. И покрај најавите за масовност и големото присуство на полицијата, одѕивот на граѓаните беше значително помал од очекуваниот.

Граѓанскиот марш, организиран под слоганот за „заштита на Охридскиот рамковен договор, уставниот поредок и правната сигурност“, започна попладнево во центарот на градот. Присутните, веејќи знамиња, маршираа низ тетовските улици интонирајќи песни кои го величаат конфликтот од 2001 година.

Тетово во текот на целиот ден беше под засилен полициски надзор. Силните безбедносни сили распоредени околу градскиот плоштад создаваа впечаток на подготовка за голем собир, но реалноста на терен покажа дека на повикот на опозициската ДУИ се одѕваа само неколку стотини граѓани. Со тоа не се остварија претходните најави за радикална масовност со која се шпекулираше во јавноста изминатиот период.

Паралелно со протестниот марш, во Тетово денеска официјално започнува и „Тетовското културно лето“. Локалните власти најавија богата програма со бројни спортски и културни настани кои ќе се одвиваат во наредниот период, нудејќи им на граѓаните содржини насочени кон забава и рекреација.

Протестот помина без поголеми инциденти, иако националистичката иконографија и скандирањата беа доминантен дел од атмосферата на маршот.

Македонски