ПОЛОВА СЕГРЕГАЦИЈА ВО ТЕТОВО: Градскиот базен воведе термини забранети за мажи – се крши ли Законот за дискриминација?

13

Одлуката на Општина Тетово да воведе посебни термини во кои Градскиот базен можат да го користат исклучиво жени и девојки, предизвика бура реакции во јавноста. Додека локалните власти го правдаат потегот со „барања на граѓанките“, правните експерти предупредуваат дека ваквата полова поделба во јавен објект изграден со државни пари отвора сериозни сомнежи за дискриминација и сегрегација.

Според официјалниот распоред, секоја среда и сабота во периодот од 8:30 до 12:00 часот, базенот е резервиран само за женскиот пол. Во овие термини, на мажите и момчињата целосно им е забранет пристапот до објектот, без оглед дали станува збор за рекреативци или спортисти.

Назми Даути, раководител на Секторот за јавни дејности во Општина Тетово, потврди дека оваа мера е одговор на барањата на дел од локалното население.
„Тие термини се предвидени базенот да го користат само жени и девојки бидејќи не сакале да има мешање со мажи на базенот. Тоа е направено според барање на граѓанките од Тетово“, изјави Даути.

Правни дилеми: Традиција пред закон?

Иако поттикнувањето на спортот кај жените е легитимна цел, правниците посочуваат дека воведувањето полова сегрегација во јавна институција во 21 век е во директен судир со Законот за спречување и заштита од дискриминација. Законот дефинира дека сегрегацијата е физичко одделување на група врз дискриминаторска основа без објективно оправдана цел.

Експертите прашуваат: Дали личните или традиционалните убедувања на една група корисници смеат да станат општо правило со кое ќе се ограничуваат правата на друга група граѓани? Дополнително, Општината не понуди правна анализа со која би докажала дека оваа драстична мерка е пропорционална и неопходна.

Објект изграден со пари на сите граѓани

Контроверзата е уште поголема бидејќи Градскиот базен во Тетово не е приватен објект. Неговата изградба започна во 2020 година како дел од државниот проект за изградба на 14 базени ширум земјата, финансиран со буџетски средства преку тогашното Министерство за млади и спорт. Токму затоа, обврската за еднаков и транспарентен пристап е уште посилна.

Молк од локалниот Совет

Засега нема официјална реакција од Советот на Општина Тетово, каде мнозинството го сочинуваат коалицијата „Вреди“ и ВМРО-ДПМНЕ. Отворено останува прашањето дали Советот ќе ја преиспита оваа одлука или ќе дозволи јавниот простор да се трансформира според принципи кои ги делат граѓаните врз основа на нивниот пол.

Јавноста и граѓанските организации очекуваат итно произнесување на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која треба да утврди дали локалната власт во Тетово ги пречекорила своите овластувања на штета на човековите права.

Македонски