ВАНЧО КОСТОСКИ од ВМРО-НП: Ребалансот е признание за лоши проекции – економијата не се решава со пеење на „Заветна“
Општинскиот советник и првиот човек на ВМРО-Народна партија од Охрид, Ванчо Костоски, упати остри критики по најавениот ребаланс на буџетот. Според него, новите пресметки на власта се само потврда за нереалните проекции направени во декември, кои сега резултираат со продлабочување на дефицитот и нови задолжувања на грбот на граѓаните.
Костоски во својата реакција посочува на загрижувачките економски параметри, нагласувајќи дека буџетскиот дефицит од првично проектираните 2,7 отсто сега порасна на 4,1 отсто. Ова, според неговите пресметки, значи дополнителни 150 милиони евра дупка во државната каса, која до крајот на 2026 година би можела да достигне вртоглави 750 милиони евра.
„Ова во превод значи само едно – ново задолжување. Со овој ребаланс граѓаните не добиваат нови капитални инвестиции, туку средствата ќе се користат за крпење на постоечките проекти кои се пролонгирани или поскапени поради лошото менаџирање“, вели Костоски.
Тој ја изрази својата скепса во однос на реализацијата на владините ветувања, истакнувајќи дека доколку до шест месеци не се започне со одреден проект, речиси е невозможно истиот да биде завршен до крајот на 2026 година.
Костоски ја заврши својата реакција со ироничен коментар насочен кон популистичката реторика на власта, порачувајќи дека економските проблеми бараат реални решенија, а не национален романтизам.
„Економијата е немилосрдна. Само пеење на ‘Заветна’ не е доволно за нејзино закрепнување“, дециден е советникот од Охрид.