КРВАВ ИНЦИДЕНТ ВО ЗОО СКОПЈЕ: Избегани волци усмртија четири кенгури, „Анима Мунди“ бара итно затворање на градината

5

Скопската Зоолошка градина повторно се најде во центарот на скандал по информациите дека минатиот викенд глутница волци избегала од своето живеалиште и усмртила четири кенгури и неколку птици. Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ упати енергичен апел за итно затворање на институцијата и спроведување независна истрага за сериозните безбедносни пропусти.

Според неофицијалните информации кои го преплавија медиумскиот простор, бели волци успеале да ископаат дупка под заштитната ограда на своето живеалиште и да излезат на слобода во рамките на градината. Во својот крвав поход, тие нападнале и усмртиле неколку кенгури и ретки птици, а на вработените им биле потребни неколку часа за да ги лоцираат и да ги вратат назад во кафезите.

Од „Анима Мунди“ реагираат на, како што велат, катастрофалната состојба со безбедносните системи во градината. Тие споделија видеоснимка на која се гледа како волците се обидуваат да излезат низ импровизирани делови од оградата закрпени со обична мрежа.

„Оградата на живеалиштето не остава впечаток на сериозен безбедносен систем за диви животни. Напротив, ова е чиста импровизација која ја загрозува безбедноста и на животните и на посетителите. Вината не е само кај актуелниот директор, ова е состојба која во ЗОО Скопје опстојува во континуитет“, децидни се активистите.

Барања за одговорност и трансформација

Здружението ги достави следниве итни барања до надлежните институции:

  • Итно затворање на Зоолошката градина за посетители до завршување на истрагата;
  • Независен инспекциски надзор на сите живеалишта и јавно објавување на наодите;
  • Мораториум на размножување и внесување нови животни;
  • Трансформирање на градината во спасувачки и рехабилитациски центар.

Институционален молк

До овој момент, раководството на Зоолошката градина – Скопје не излезе со официјално соопштение за инцидентот. Јавноста сè уште чека одговори на клучните прашања: Кога точно се случило бегството, дали во тој момент имало посетители (вклучително и деца) во градината и какви мерки се преземени за да се спречи повторување на ваков опасен настан?

Овој инцидент е само еден во низата трагични настани што ја потресоа ЗОО Скопје во изминатиот период, отворајќи ја дебатата за оправданоста на нејзиното натамошно постоење во ваков формат.

Македонски