Енергетско обединување на регионот: Македонија и Србија стануваат дел од „Вертикалниот коридор“ за гас
Македонија и Србија официјално се приклучуваат кон стратешкиот „Вертикален коридор“, проект кој треба драстично да ја зголеми енергетската независност и безбедност во Југоисточна Европа. Ова е клучниот исход од четвртиот министерски состанок за енергетика што се одржа во Атина, на кој учествуваа ресорните министри од Грција, Србија, Македонија и Бугарија.
Целта на проширувањето на овој коридор е да се овозможи пренос на природен гас од Грција кон северот на Европа, вклучувајќи ги земјите од Западен Балкан, со што ќе се намали зависноста од руски енергенси и ќе се диверзифицираат изворите на снабдување.
Институционализирање на соработката
Грчкиот министер за енергетика, Ставрос Папаставру, истакна дека на состанокот бил постигнат договор за забрзување на стратешките инфраструктурни проекти кои се од витално значење за целиот регион.
„Се договоривме за проширување на Вертикалниот коридор со Северна Македонија и Србија, како и за институционализирање на соработката меѓу четирите земји. Со заедничка визија и јасен план, енергијата станува сила за поврзување и просперитет во регионот“, изјави Папаставру.
Следна станица – Белград
На состанокот во Атина фокусот беше ставен на зајакнување на интерконекциите меѓу државите, што ќе овозможи постабилен проток на енергија и поконкурентни цени за стопанството и граѓаните. Министрите ја нагласија потребата од брза имплементација на договореното, со оглед на превирањата на глобалниот енергетски пазар.
Регионалната соработка продолжува веќе во септември, кога домаќин на следниот министерски состанок ќе биде Белград. На претстојната средба се очекува да бидат прецизирани техничките детали и временската рамка за изградба на потребните гасни поврзувања кои ќе ги интегрираат македонскиот и српскиот систем во европската мрежа.