Виница во знак на сеќавање: Денес се одржува 43-от „Марш на ангелите“ за жртвите од кочанската трагедија

5

Под слоганот за правда и незаборав, денес во Виница ќе се одржи 43-от по ред „Марш на ангелите“. Со почеток во 17:05 часот, граѓаните ќе маршираат низ улиците во спомен на 63-те прекинати млади животи, потсетувајќи на неостварените соништа и празнината што остана во стотици семејства.

Организаторот на маршот, Здружението „16-ти Март“, преку емотивна објава порача дека ова не е само чин на сеќавање, туку и гласен протест против неказнивоста и симболичната одговорност за вакви големи трагедии.

„Маршираме за 63-те прекинати животи, за празните соби и за семејствата кои засекогаш останаа без дел од себе. За ваква трагедија не смее да постои симболична одговорност. Условната казна не е правда за 63 изгубени животи и уништени судбини“, децидни се од Здружението.

Маршот има за цел да ја подигне јавната свест за одговорноста на институциите и потребата од вистинска правда, за да не се дозволи ниту една слична трагедија да биде заборавена или минимизирана низ судските лавиринти. Организаторите ги повикуваат сите граѓани масовно и достоинствено да се приклучат во почитта кон „ангелите“.

Македонски