ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ СМИРУВААТ: Хантавирусот не е нова пандемија, вистинската опасност демне од ѓубрето и стаорците низ македонските градови

6

Инфекцијата со хантавирус што се појави на крузерот „Хондиус“ не е нов феномен, ниту пак претставува реална закана за глобална пандемија, туку е изолиран настан кој неоправдано се користи за ширење страв и теории на заговор. Наместо паника од „увозен“ вирус, македонските граѓани и институции треба да се фокусираат на реалниот јавноздравствен ризик – лошата урбана хигиена и неконтролираното размножување на глодарите низ градовите.

Ова е клучната порака што ја упати епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски, кој предупредува дека општеството, сè уште трауматизирано од ковид-кризата, лесно потпаѓа под влијание на „индустријата на страв“.

„Индустрија на страв“ наместо базична наука

Професорот Даниловски на социјалните мрежи реагираше на лавината апокалиптични сценарија кои деновиве го преплавија интернет-просторот. Тој критикува што поимот хантавирус веднаш почна да се поврзува со термини како „депопулација“, „контрола“ и „мРНК“, нагласувајќи дека јавноста престанува да прави разлика меѓу вистинска епидемиологија и алгоритамски произведена паника.

Разјаснувајќи ја медицинската позадина, епидемиологот потенцира дека хантавирусите се одамна познати во медицината и нивен природен резервоар се глодарите. Луѓето најчесто се заразуваат преку контакт со аеросоли контаминирани од измет или урина на заразени стаорци и глувци.

„На Балканот, како ендемско подрачје, циркулираат вирусите од т.н. ‘Стар свет’, кои предизвикуваат хеморагична треска со бубрежен синдром. Од друга страна, сојот ‘Анди’ (Andes), кој е причинител на епидемијата на крузерот, припаѓа на групата на ‘Новиот свет’ и е карактеристичен за Јужна Америка. Само кај овој тип е регистриран пренос од човек на човек, но овој вирус не циркулира кај нас, ниту има ризик да се пренесе од патниците на крузерот во нашата земја“, појаснува Даниловски.

Вистинскиот проблем се преполните контејнери и дивите депонии

Иако глобална закана нема, експертите предупредуваат на сериозен локален проблем. Според д-р Даниловски, темата за хантавирусите отвора болно прашање за македонската реалност: состојбата со урбаната хигиена и дератизацијата.

Преполните контејнери, купиштата смет покрај улиците, расфрланиот органски отпад и дивите депонии кои тој ги нарекува „мијазма на 21 век“, создаваат идеални услови за експанзија на стаорците и глувците. На прагот на летото, тој апелира институциите итно да спроведат дератизација, дезинфекција и строг санитарен надзор.

Балканот има историја со хантавирусите

Дека хантавирусите не се непознаница за нашиот регион, потврдуваат и историските податоци. Во осумдесетите години на минатиот век беа регистрирани епидемии во Косово и во Црна Гора.

Во поновата историја, македонската јавност го памети трагичниот случај од летото 2017 година, кога од локален сој на хантавирус (хеморагична треска) починаа татко и син од гостиварското село Симница. Тогашните здравствени власти успешно ја смирија паниката, едуцирајќи го населението дека локалниот вирус се пренесува исклучиво преку полски глувци, а не од човек на човек.

Македонски