НОВ МОДЕЛ ЗА ПАРКИРАЊЕ ВО ЦЕНТАР: Едно паркинг место гратис за секое семејство и воведување на хуманитарна „Зона Х“
Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) промовираше нов модел на организација на јавните паркиралишта. Целта на овие измени е да се обезбеди поголема достапност на паркинг места за жителите на општината, поефикасно управување со просторот и воведување на социјално одговорни практики.
Приоритет за станарите: Едно возило бесплатно во својата зона
Клучната новина во подзаконските акти на претпријатието е потврдувањето на приоритетот на локалното население. Со новиот систем, секоја станбена единица во Општина Центар добива загарантирано бесплатно паркирање за едно возило во својата зона на живеење. Според надлежните, оваа мерка е гаранција дека жителите ќе имаат предност пред останатите корисници.
Директорот на ЈП ПОЦ, Душко Коцевски, истакна дека средствата остварени од наплатата ќе бидат инвестирани во дигитализација и модернизација на инфраструктурата. Измените опфаќаат и одредени усогласувања кај цените за месечните карти, комерцијалните услуги и надоместоците на пајак-службата, со цел да се одржи ефикасноста на системот.
„Зона Х“ – паркирање со хуманитарна цел
Како дел од новитетите се воведува и специјална „Зона Х“, која ќе опфаќа јасно обележани хуманитарни паркинг места. Целиот приход собран од користењето на овие места ќе се донира за поддршка на ранливите категории граѓани, во соработка со Црвениот крст.
„Воведуваме појасен и поправеден систем. Жителите го задржуваат приоритетот, а истовремено создаваме основа за сериозен инвестициски циклус и поквалитетна услуга на долг рок“, изјави Коцевски.
Герасимовски: Поголем ред и поодржливо урбано живеење
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, оцени дека овој модел е пример за функционално и одржливо решение во интерес на граѓаните.
„Целта е жителите да имаат подобра достапност до паркинг во близина на своите домови, а системот да биде пофер и подготвен за модернизација. Со овој пристап воведуваме ред во јавниот простор, но и нова вредност преку хуманитарните иницијативи“, истакна Герасимовски.
Новите правила се дел од стратегијата за намалување на сообраќајниот притисок во најфреквентната скопска општина и поттикнување на поодржливи навики кај возачите.