„Со ВЛЕН одамна завршивме“, Лимани излегува од партијата и бара предвремени парламентарни избори
Објавата на министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, на социјалните мрежи отвори нови тензии во албанскиот политички блок, по најавата на премиерот Христијан Мицкоски за можни скорешни избори.
Лимани сподели објава од профилот „Захир Пајазити“, со фотографија од премиерот и порака дека избори ќе има наскоро, додавајќи во описот „со Фатмир Лимани сакавте војна, сега покажете колку вредите!“ Осврнувајќи се на објавата во денешната изјава, Лимани појасни дека станува збор за споделување содржина со која ја потврдил својата позиција за избори.
„Тоа беше реобјава од еден портал кој го објавил тоа, јас само потврдив дека сум за предвремени избори. Сите сме за предвремени избори, освен ВЛЕН“,
Тој денеска изјави дека повеќе не е дел од коалицијата ВЛЕН, нагласувајќи дека на следните избори нема да настапува во рамки на оваа коалиција.
„Јас и ВЛЕН одамна завршивме“ изјави Лимани, алудирајќи на прекинот на соработката со коалицијата на албанските партии, каде претходно беше вклучен преку Движењето Беса предводено од Билал Касами. Овој чекор доаѓа по несогласувања со раководството на ВЛЕН.
Лимани, на прашањето дали моментално делува како министер од редовите на ВЛЕН или на ВМРО-ДПМНЕ, посочи дека ја извршува функцијата во интерес на сите граѓани.
„Јас сум министер на сите граѓани на оваа земја и ќе се обидам да им помогнам во сите аспекти што ми ги дозволува Министерството за социјална политика“, рече Лимани.
Тој истакна дека поддржува одржување предвремени парламентарни избори, оценувајќи дека нивното побрзо организирање би било од корист и за државата и за економскиот развој, како и за внатрешно реструктурирање на политичките субјекти, вклучително и ВЛЕН.