Студентите од дом „Пелагонија“ чекаат исплата, УСС алармира за пропусти во управувањето

0

Студентско собрание на УКИМ (УСС-УКИМ) вчера соопшти дека студентите сместени во студентскиот дом „Пелагонија“ сè уште не ги добиле парите што им следуваат како ослободување од плаќање партиципација. Тие додаваат дека, и покрај обидите решението да се најде преку дијалог, досега не е постигнат напредок.

„Сметаме дека е крајно некоректно и потценувачки студентите да бидат третирани на ваков начин и да се доведуваат во подредена положба“ истакнуваат во соопштението од УСС, оценувајќи дека ненавремената реакција и транспарентност од раководството во домот отвора прашања за евентуално неефикасно и несоодветно управување со установата.

Дополнителен проблем според УСС е тоа што, според нивните извори, парите сè уште не се исплатени на сметките на студентите, и покрај тоа што Министерството за образование и наука (МОН) во неколку наврати ги префрлило потребните средства за таа намена.

Од УСС сметаат дека има сериозни пропусти во управувањето и распределбата на финансиските ресурси од страна на директорот и раководството на домот.

„Средствата сè уште не се префрлени кон студентите, што укажува на сериозни пропусти во управувањето и распределбата на финансиските ресурси од страна на директорот и управата на домот. Сметаме дека ваквиот однос е неприфатлив, неодговорен и на штета на студентскиот стандард“, се вели во соопштението.

Од УСС апелираат раководството на домот во рок од 14 дена да ги исплати средствата на студентите, во спротивно најавуваат преземање дополнителни мерки, вклучително и јавно информирање на надлежните институции.

Македонски