СЛУЧАЈ „ПУЛС“: Условни затворски казни за командирот и двајца полицајци од Кочани

2

Основниот кривичен суд донесе првостепена пресуда со која тројца полициски службеници од Кочани, меѓу кои и командирот на локалната полициска станица, се прогласени за виновни во судскиот предмет познат во јавноста како случајот „Пулс“.

Според судската одлука, на полицајците Кире Богатинов и Горан Лазаров им е изречена условна казна затвор во траење од една година, додека командирот на Полициската станица – Кочани, Александар Темелков, доби условна затворска казна од две години.

Ова значи дека обвинетите ќе ја задржат слободата и нема да ја издржуваат затворската казна, под услов да не сторат ново кривично дело во наредните четири години, колку што изнесува определениот период на проверка.

Карактеристично за денешното рочиште во Кривичниот суд е фактот што на читањето на пресудата не присуствуваше ниту еден од тројцата обвинети, ниту пак нивните бранители.

При одредувањето на видот и висината на казната, судечкиот совет зел предвид повеќе олеснителни околности за обвинетите. Во образложението на пресудата, Судот посочи дека полицајците претходно не биле осудувани и дека се работи за семејни луѓе. Клучно при одмерувањето на казната било и тоа што нивните дејствија не предизвикале директни и непосредни штетни последици што би можеле да се доведат во директна причинско-последична врска со настанот во „Пулс“.

Оваа пресуда е првостепена, што значи дека странките имаат право на жалба до повисокиот Апелациски суд.

Македонски