Професор Димитар Гелев: Универзитетот не е демократија, туку хиерархија

2

Организацијата на факултетите и на самите универзитети во Европа, а после и во светот, почива на правилата на канонското право и претставува целосно копирање на организацијата на црквата. Ако влезете во која било црква во земјата на централно место ќе видите катедра и околу столови за седење. Тоа наликува на кој било амфитеатар или предавална и на која било сала за одржување на наставнички совет. Во црквата по ѕидовите има икони, по салите на факултетот висат сликите на деканите, во универзитетот сликите на ректорите. Порано, а и сега, лица кои бегаат од законот и властите можеле да се засолнат во црквата и ако попот не сака да ги предаде на властите тие внатре се безбедни. Истите тие правила ги има и за универзитетите и за пристапот на полицијата внатре во кампусите.

Ако денес читате црковно право што се однесува на внатрешната организациска структура на православните или на католичките цркви ќе ја забележите фрапантната истоветност на правилата за црквите и за факултетите и универзитетите.

Во еден историски период, наречен барок, што траел од 1610 до 1660 година (значи почеток на XVII век), тие организациски правила за црквата се претворени во правила за тоа што денес се подразбира под извршна власт (влада и министерства и воопшто организација на државна управа).  Во тоа време (среден век) црквата ја претставувала државната организација, затоа што само поповите биле писмени и црквата претставувала реална власт. Во тој период лицата кои го креирале тоа што денес е познато како државен апарат биле попови (Ришеље, Мазарин итн). Тие го креирале тоа што денес е познато како управно или административно право, што исто така во тоа време претставувало копија на црковната организација и на црковните правила.

Во црковното право постојат различни правила но две се најбитни: хиерархија и хиротонија (или помазание). Првото правило значи дека внатрешната организација ја сочинуваат лица со различни чинови, рангови или позиции (тие не се исти, туку некои се хиерархиски повисоки од другите). Тој систем бил преземен од древниот Египет и во неговата наједноставна варијанта се нарекува систем на “чирак, калфа и мајстор“ (што и по црквите и по универзитетите бил рафиниран на специфичен начин низ вековите). На факултетите има помлади асистенти, асистенти, доценти, насловни доценти, вонредни професори, редовни професори итн. Исто како што во црквата имало разни ознаки за различните чинови во хиерархијата. Тоа истото во периодот на барокот е пренесено на државната администрација. По министерствата има соработници, помошници, државни секретари, директори итн, исто како што во војската има десетари, разводници, водници, потпоручници, поручници, капетани, мајори, полковници, генерали итн. Тоа во денешната државна управа го гледате како скала А1, А2, А3…, Б1, Б2, Б3, итн. Што значи дека постои хиерархија во која сите припадници не се исти. Сите што порано служеле војска знаат дека кога понискиот чин му се обраќа на повисокиот чин прво прашува “дозволите да се обратим“. Дури кога ќе добие дозвола за тоа, може да почне да збори. Извршната власт, исто како и црквите и универзитетите не почива на демократски принципи, што важат за другата законодавна власт (собранија, парламенти итн), туку почива на принципот на хиерархија. Овде сите лица во организациската структура не се на исто рамниште.

Денес постојат обиди за руинирање на овој принцип на хиерархија со измислување или увоз на странски термини чии значења никој не ги знае. Пример принципот на хиерархија денес овде се почесто се нарекува „мерит систем“, што како термин е воведен за да направи хаос во хиерархиските структури. Тој “мерит систем“ (чирак, калфа, мајстор) барем на правниците им е познат преку 4000 години и никој не треба да им го измислува како модерен.

Вториот релевантен принцип е тнр. хиротонија или помазание. За да се придвижите од позиција Б2 на позиција Б1 треба да бидете назначени од страна на лице кое во моментот е на позицијата Б1. Само мајстор може калфата да го претвори во мајстор. Калфите не можат тоа да го прават меѓу себе. Тој принцип го има и во црквата и во извршната власт. Тој принцип го има и на универзитетите. Пример ако некој сака да стане доктор на науки или да биде избран на некој предмет во област за која во земјата нема квалификуван професор се викаат луѓе од странство кои се доктори или професори во таа област да ве „помазаат“, затоа што дома немате мајстори за тоа. Попот прво ја пали свеќата, па после од него сите други пониски го преземаат неговиот пламен.

Од тие причини, на сите наведени институции не се применуваат демократските начела што се применуваат на законодавните власти. Црквата, универзитетите и извршната власт стојат под некои целосно поинакви правила, што немаат врска со демократија, туку имаат врска со хиерархија и хиерархиски поставена организациска структура.

Универзитетите и факултетите имаат своја „рамнотежа на силите“ (checks and balances) изразена низ различните органи и тела на тие институции што се рафинирани со векови и издржале секакви „напливи на модерност“ и „големи идеи“.

Конкретно за универзитетите: секој факултет бира декан и сите декани се составен дел на едно тело што се нарекува ректорска управа. Секој факултет бира по два сенатора и тие се членови на нешто што се нарекува сенат (совет на старци). Сенатот е совет на старци (што е буквален превод на терминот сенат) затоа што во тоа тело членуваат највисоките по ранг и хиерархија професори од секој факултет, што биле избрани од страна на факултетот. Тоа тело (сенатот) е донекаде пандан на собранието кај законодавните власти и по дефиниција тоа тело треба да избере ректор. Старо црковно и универзитетско правило е дека сите факултети се исти. Нема големи и мали факултети, како што нема големи и мали науки. Сите тие се исти и рамноправни. Никој не може да каже дека хемија е побитна од право или дека биологија е побитна од економија. Сите се рамноправни, без оглед на тоа колку професори или студенти имаат. Затоа што и универзитетите, како и црквата, имаат долга меморија и знаат дека тоа што денес е големо, утре може да биде мало, но сеедно искуството рафинирано низ векови, ги научило дека сите се рамноправни и исти. Во рамките на сенатот постојат групи на науки, зависно од научните подрачја, и постои правило според кое секое подрачје треба да даде свој ректор по некој редослед. Ако сега ректорот бил од подрачјето природно-математички науки, после него по некој редослед треба да дојде ректор од подрачјето медицински и здравствени науки, па земјоделски и ветеринарни науки итн. Дури и внатре во тие подрачја самите факултети можат да направат сопствен распоред. Тоа значи дека со текот на годините секој од нив може и треба да даде ректор, независно од тоа колку е „голем“ или „мал“, затоа што во науката тоа е целосно небитно и е целосно навредливо на колега да му кажете дека е од „мала наука“ или „мала епархија“. Сите се рамноправни и исти.

Последнава деценија до две, се вршени континуирани обиди, пред се од политичките структури во земјата и нивните клонови по различните факултети, за руинирање на универзитетите како такви и нивните правила што постојат со векови. Тоа не е случај само кај нас, туку го гледаме по разни земји. Така е креиран и постојниот систем на избор на ректор кој попрво наликува на избор на пратеници во собрание или на претседател на САД, отколку на систем за избор на ректор. Само како споредба. Бидејќи во многу голем дел универзитетите, црквите и извршната власт почиваат на истите или слични правила, замислете сите вработени во некое министерство да го бираат министерот или сите вработени на министерствата да го бираат премиерот. На што би личело тоа? Како по едни такви избори ќе опстои начелото на хиерархија во извршната власт, без кое таа не може да постои, ниту да функционира? Но токму тоа е направено со системот за избор на ректор.

И тоа не застанало тука. Пример постои одредба во Законот за високото образование според која членовите на катедрата бираат шеф на катедра. Замислете да се соберат десет чирака, пет калфи и еден мајстор, сите да гласаат и да изберат некој чирак за шеф на катедра. Тоа е исто како вработените во некое одделение на некое министерство да бираат свој шеф. Која е врската на овој систем со принципот на хиерархија или со т.н. „мерит систем“? Или со принципот на хиротонија. И ваквите решенија законски се распрскани за разните органи и тела по факултетите и на универзитетот. Преку ограничување на бројот на мандати на раководителот на институт, постарите по чин и ранг професори треба да си одат од таа позиција (бидејќи биле раководители во два мандата) и да слушаат некои чираци и калфи кои сега ќе се појават на позицијата шеф на институтот како тоа изгледал светот?

Накусо кажано, на најдилетантски начин се применети демократски правила што важат за законодавната власт во нешто што почива на целосно други правила. Би сакал извршната власт истото тоа да го направи кај себе и кај своите закони за да не разбере за што збориме, ако воопшто може да опстои после тој дилентантизам. Систем во кој војската бира генерали не може да трае. Кога некој видел православните или католичките верници да излегуваат на избори и да гласаат за поглавар или за папа? Или вработените по министерствата да гласаат за премиер? Па уште и да се бунат за несоодветната примена на принципот „еден човек – еден глас“. Цела среќа е што на факултетите „на нервна база“ сè уште се применуваат тнр. „попски правила“ и што помладите колеги донекаде имаат разбирање за тоа. Само влакно не дели од амбис.

Таа „демократија“ во хиерархиски поставените организации веќе добива и светски димензии. Само пред некое време светски хит беше песната Јерусалема со рефренот „јас не сум од тука“. Ќе наведам само три работи:

1. Целиот Закон за високото образование само формално наведува некои си академски слободи и во натамошниот текст на законот една по една ги одзема и ги регулира сите прашања поврзани со нив. Што значи автономијата на избор, ако после тоа законот ни раскажува кои услови требал да ги исполнува некој за да бил избран во некое звање? Што значи финансиската автономија, ако после тоа законот ни кажува како требало да се распределуваат средствата? Што значи автономијата на настава ако законот после ни раскажува како се правела дипломска, магистерска, колку кандидати сме требале да имаме, како се викале дипломите итн. Верувале или не, во закон е определено од колку до колку часот се гласало за ректор.

2. На професорите им е наложено колку труда требало некој да објави за да биде избран во нешто. Тоа е исто како да поставите норма на фабрички работник. Сите вработени во пример Железара, Металски завод, шивачки фабрики имаат некоја норма. Ако не ја исполнат нормата, може да им намалат плата. Но нормите се применуваат на нешто што е рутинирана механичка работа што може да се измери. Дури и тие норми денес се избегнуваат во западниот свет заради скандалите со користење на детски труд, затоа што децата побрзо ја постигаат нормата од постарите работници, а се и поефтини. Што врска ова има со образование и наука?

3. Се наложуваат тнр. „импакт фактори“ што се друг назив за лајкови на фејсбук и на инстаграм. Ако кажете дека „мнозинското мислење“ е битно, по автоматизам кажувате дека нема наука и дека таа не постои. Не знам познат научник што бил „инфлуенсер“ и сите го читале и му ставале лајкови. Оваа новотарија е особено поттикнувана од поновите науки, што уште не го поминале пубертетот во однос на поимот „доказ“ (како основа по која се докажува некоја вистина или факт), иако е поврзана и со „излегувањето на знаењето на пазар“. Пример и правниците се занимаваат со докази, но бидејќи се стари повеќе од 4000 години, сите тие знаат дека има бројни презумпции и дека дури и да ја добиле парницата тоа не значи дека тоа што го докажувале било вистина. Секогаш имаат зрно на сомнеж. Но поновите науки „базирани на докази“, тој пубертет уште не го поминале. Науката почива на обид и грешка, што води кон искуство. Не на мнозинското мислење. Социолозите и филозофите најдобро го знаат тоа. Ваквиот пристап на „пошироко влијание“ подобро го разбираат трговците, отколку професорите.

4. Дури и целиот ЕКТС систем се базира на пресметан број часови. Колку еден студент требало да учи, да слуша предавања и да одмара. Цела среќа е што никој од нас тоа не го сваќа сериозно, инаку не знам кај ќе завршиме.
Накусо, современа тенденција е во хиерархиски поставената организациона структура на универзитетите да се вградат демократски принципи што важат за законодавните власти. Тоа нема да трае долго, ако воопшто сакаме универзитетите да опстојат како такви.

Сега конкретно на Вашите прашања:

1. Во јавноста беше објавено дека проф. д-р Дарко Данев освоил повеќе индивидуални гласови (663) од проф. д-р Билјана Ангелова (565), но дека поради системот на бодирање по факултети, актуелниот ректор има повеќе поени. Дали овие информации се точни и можете ли да појасните како функционира изборниот модел, односно како се пресметуваат поените по единици?

Ова е формулата по која се пресметуваат бодовите:

“1. Врз основа на освоениот број на гласови се утврдува бројот на поени што ги освоил секој од кандидатите. Пресметувањето се врши според следнава формула:

Фото: Упатство за постапката за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Официјална веб-страна на УКИМ

2. Резултатот, изразен во поени што ги освоиле кандидатите, се заокружува до три децимали, така што ако првата цифра од броевите што се изоставуваат е 0, 1, 2, 3 или 4, тогаш цифрата пред неа не се менува, а доколку првата цифра од броевите што се изоставуваат е 5, 6, 7, 8 или 9, тогаш цифрата пред неа се зголемува за 1.

Пример:

5,164398 се заокружува на 5,164;
5,164518 се заокружува на 5,165.

Ова не сум го измислил јас. Мене, како и останатите шест колеги (сите сенатори), не избрал сенатот да спроведеме избори за ректор. Ние сме ги применувале важечките законски и други прописи. Веќе претходно Ви појаснив дека како правник што има целосни и длабоки познавања на оваа материја во целост не се согласувам со системот, но тоа е важечкиот систем. Војска гласа за генерал, вработените во министерствата гласаат за премиер, а православните и католичките верници гласаат за поглавар и за папа.

2. Дали постојниот изборен модел го одразува мнозинското мислење на наставно-научниот кадар?  Дали со ваков изборен модел се постигнува еднаков третман на гласовите по единици?

Во хиерахиски поставените организации, мнозинското мислење е многу малку релевантно, дури некогаш и непотребно. Не е исто мислењето на еден редовен професор и на сто асистенти. Дали е исто мислењето на помладиот соработник во министерството и на министерот? Но во овој систем тоа е исто, и тоа се викало „демократија“. Пак ќе повторам, по дефиниција сите единици се исти. Целосна глупост е да ги делите единиците на мали и големи, зависно од бројот на вработени или зависно од бројот на студенти. Во таа верзија на работите преку две третини од единиците никогаш нема да можат да дојдат до шанса да дадат ректор.

Пример: Постојат различни начини на кои се држи настава. Еден професор може да предава со креда или фломастер на табла, да предава со power point презентации, да ги носи студентите во природа или да учат на „жив пример“. Тој вид на учење на „жив пример“ се вика клиничка настава. Секој факултет во рамките на УКИМ може да направи клиники исто како и Медицинскиот факултет и наставата да ја држи на тој начин. Сите факултети се способни за тоа, ако имаат средства да ги изградат сите тие згради и да ја набават целата опрема што им е потребна. На Медицинскиот факултет се случил еден чуден феномен. Клиниките не се составен дел на факултетот, туку се третираат како државна установа. По генералните парламентарни избори во земјата, секоја влада бира директори на тие клиники и тоа најчесто е партиско именување. Од моментот кога некој ќе стане директор на клиниката (што пак ќе повторам е начин на изведување на настава, затоа што тој центар не се вика државна болница, туку универзитетска клиника) секој од тие директори по неколку месеци сака да стане професор. Секој декан на почеток пружа отпор, и по неколку инспекции, директорот станал професор. На тој начин, тој факултет кој по бројност бил ист како и другите, наеднаш станал голем. Тој факултет ги има најголемите докторски студии во земјата и скоро и да нема втор уписен рок за докторирање, затоа што има бројни кандидати за позицијата професор. Сите факултети во рамките на УКИМ можат да го направат истото, но тоа не го менува фактот дека независно од бројноста на професорскиот кадар или бројот на студентите сите факултети се исти и рамноправни. Системот по кој поголемите по број на вработени факултети треба да доминираат со другите не е универзитетско правило. Тоа е за општите избори на политичарите во земјата.

Во погоре наведената формула некој правел компромис на универзитетското правило со демократските принципи, но не е мое да коментирам. Целиот систем за мене е дилетантски. Овде не станува збор за избор на претседател на САД, туку за избор на ректор. И премиерот го бира собранието. Не се бира на општи избори.

3. Дали сметате дека е потребна поширока академска дебата за начинот на избор на ректор, вклучително и можноста за модел „еден професор – еден глас“? Зошто досега не е применет ваков принцип?

Принципот „еден човек – еден глас“ може да важи кај демократските институции. Кај општите политички избори, кај акционерските друштва (една акција – еден глас) итн. Но тој принцип е целосно погрешен во хиерархиски поставените организации. Не е можно гласот на генералот да е ист по тежина со гласот на потпоручникот.

Универзитетите и професорите се исто како и поповите или чиновниците по министерствата. Сакаат мир и тишина и не се многу склони кон јавни дебати и расправи. Ако сакаме расправа ќе ја направиме сами и не знам и не можам да разберам зошто општата јавност би била заинтересирана за тоа. Покрај тоа, не треба да заборавите дека исто како и црквата и универзитетите имаат долга меморија и знаат да ги применуваат своите правила, дури и кога надвор се носат за нив разни закони без врска. Универзитетот научил да ги применува своите правила, дури и кога глуми дека ги применува државните закони на денот. Сите универзитети на светот многу добро го знаат познатото марфиево правило дека „ничиј живот, имот и слобода не се сигурни додека е парламентот во заседание“.

4. Како ја оценувате организацијата и текот на вчерашните избори?

На седница на сенатот на УКИМ беше избрана изборна комисија од седум члена. Сите тие добија задача да ги спроведат изборите за ректор. Сите тие се возрасни луѓе, со исклучок на членот од редовите на студентите, со долго искуство и најсовесно и најпрофесионално ја извршија својата задача. Јас лично на сите сум им благодарен за несебичното залагање и посветеност, затоа што целата таа операција бара многу работа и внимание. Изборите поминаа во најдобар можен ред и немаше никакви инциденти или недоразбирања на различните единици. Секоја единица исто така имаше своја изборна комисија, составена од пет члена и сите тие луѓе исто така посветено и одговорно ја завршија својата работа, за што сум им особено благодарен и јас и верувам и другите членови на универзитетската изборна комисија. Никој од нас не ги пишувал законите и правилата. Едноставно сме спровеле важечки прописи.

За крај, сè погоре наведено е мое мислење и на ниту еден начин не е мислење на универзитетската изборна комисија. Сметам дека можам да кажам што мислам за целиот тој процес после речиси 40 години работен стаж на универзитетот и дека имам некое доволно искуство да ги гледам работите малку од поголема дистанца, затоа што во текот на работниот век сум се изнагледал многу „модни детаљи и тенденции“.

Пишува: Проф. Д-р Димитар Гелев

Македонски