Ужас во Ѓорче Петров: Ученички гореле соученичка со цигари и ја принудувале да јаде измет, сè снимале со телефон
Брутален случај на врсничко насилство ја згрози јавноста во скопската општина Ѓорче Петров. Девојче во шесто одделение било жртва на стравично изживување од страна на свои соученички, по што завршило на лекарска и психијатриска помош. Случајот за „Вечер Прес“ го пријавиле родителите на жртвата, а МВР веќе презема мерки за негово расчистување.
Според пријавеното, нападот се случил во паркот во близина на општината. Група малолетнички физички го нападнале девојчето, го гореле со цигари и го понижувале на најсвиреп начин. Девојчето било присилувано дури и да јаде кучешки измет, додека насилниците целиот чин го снимале со мобилен телефон.
МВР поседува видеозаписи од насилството
Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека случајот е пријавен и дека се работи на негово целосно документирање.
„Пријавено е дека малолетно девојче, во два наврати, било физички нападнато од неколку малолетнички од истото училиште. Извршени се службени разговори во присуство на родителите и прибрани се материјални докази, меѓу кои и видеозаписи. Во координација со Основното јавно обвинителство (ОЈО) се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираат од МВР.
Банална причина за монструозен чин
Првичните информации укажуваат дека зад ова стравично насилство стои банална причина – недоразбирање или комуникација преку социјалната мрежа „Инстаграм“.
Овој инцидент одново го алармира општеството за сериозноста на врсничкото насилство (bullyng) и потребата од итна реакција на образовните институции и центрите за социјална работа. Жртвата, покрај физичките повреди, се соочува со сериозни трауми, поради што е подложена на психијатриски третман.