Трендафилов изјави дека во Македонија 260.000 работници живеат со плата под 600 евра, а само мал број се излезени на протест
Под слоганот „За плата се бориме, не се молиме“ Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) со протест го одбележа Меѓународниот ден на трудот 1 Мај.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов изјави дека му е жал што имаме квази синдикати кои сметаат дека не треба да се протестира, кои сметаат дека 1 мај е за луксуз во скап хотел на скапа конференција. Тој им се заблагодари на присутните на маршот.
„Денеска, кога ќе се движиме до Владата, ќе видеме наши граѓани на нивните балкони, на нивните прозори, кои ќе гледаат одозгора. Ќе седат во нивните удобни фотелји и ќе чекаат ние, ние и некој како нас да се избориме за нивната плата“ изјави Трендафилов.
Тој порача дека треба да се бориме уште пожестоко, уште повеќе затоа што платите се ниски.
„Денес сме тука не за да го слушнат тоа што сакаат да го слушнат, а ние да им кажеме дека платите се добри, дека се почитуваат колективните договори, дека се плаќа прекувремената работа, дека во Македонија е добро ако се работи 12-часовен работен ден за одредени колеги, дека е добро тоа што поднесуваат иницијативи во Уставниот суд затоа што сакаат да укинат колективен договор и дека е добро тоа што нема социјален дијалог.“ посочи Трендафилов.
Во Македонија денес над 260.000 работници живеат со плата под 600 евра, и само неколку илјади од сите нив излегоа на овој првомајски протест. Трендафилов изјави дека според него и многумина други, веројатно ситуацијата која се креира во општеството е таква, да треба да се поклониме, да треба да се потчиниме, но нема да го направиме тоа.
„За жал, голем број работници денес гинат на своите работни места. Наутро заминуваат на работа, а навечер не се враќаат. И никој не презема ништо за нивна заштита“ рече Трендафилов.
Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат за образование и наука, се осврна на барањата што тие ги имаат. „Први мај живее и ќе продолжи да живее сѐ додека има работници коишто се на висината на задачата и се борат за своите работнички права, ќе продолжи да живее сѐ додека има синдикати што не се контролирани од центрите на политичка моќ, а на тие што се – нека им служи на чест. Како независен синдикат за образование и наука, стоиме цврстно на нашите барања, а тоа е почитување на колективните договори, почитување на пресметката за плата согласно коефициентот помножен со минимална плата. Бараме во најбрз можен рок да започне почитување на колективните договори и достоинствено вреднување на трудот на вработените во секторот образование. Бараме достоинствена плата и достоинствено вреднување на трудот за вработените во детска заштита“ изјави Гиевски.