Закани и притисоци кон ФОП по случајот со Арбеша Беџети Ферати на Универзитетот во Тетово

1

Форумот за образовни промени (ФОП) извести дека се мета закани и заплашување откако вчера објавија за незаконското унапредување на Арбеша Беџети Ферати, сопругата на претседателот на Сенатот на Универзитетот во Тетово, Кенан Ферати.

„Нашите платформи и личните профили на тимот станаа цел на кампања за заплашување, закани и оцрнување веднаш по јавното разоткривање на незаконското унапредување на Арбреша Беџети Ферати, сопругата на претседателот на Сенатот на Универзитетот во Тетово, Кенан Ферати. Синоќа, работите отидоа подалеку. Едно лице, преку лажни профили но и од сопствениот профил, испрати навредливи и заканувачки пораки до членовите на семејството на извршниот директор на ФОП, Бленди Ходаи“, се вели во соопштението.

Од ФОП информираат дека сите случаи се пријавени во Секторот за внатрешни работи во Тетово, од каде се преземаат мерки за расчистување на случајот.

„Заканите кај нас не поминуваат. Универзитетот во Тетово ќе се ослободи од криминалот и од академските криминалци“, велат од ФОП.

Директорот на ФОП, Бленди Ходаи потврди дека пријавил едно лице во Полициската станица во Тетово, потенцирајќи дека “заканите не функционираат“ и “вистината ќе биде извадена до крај“.

„Штотуку пријавив еден обичен заканувач во Полициската станица во Тетово, во врска со последниот случај што го објавивме. Органите на редот ќе се занимаваат со секого што овие денови ќе се осмели да ми се закани мене, на моето семејство или на моите колеги. Многу добро знаете дека со мене заканите не функционираат. Колку повеќе се закануваат, толку појасно станува дека сме допреле нешто што ве боли. Вистината ќе ја извадиме до крај. Ама не пробувајте повторно со моето семејство — таа е црвена линија што не се поминува“, напиша Ходаи на својот Фејзбук профил.

Предходно ФОП реагираше на случајот каде Арбреша Беџети Ферати, сопруга на претседателот на Сенатот на Универзитетот во Тетово, е избрана во звање редовен професор при што, според нив, биле прекршени најмалку 15 законски и статутарни одредби.

„Случајот што го отвораме јасно укажува дека мрежата на роднински и интересни врски го ставила во втор план Законот, Статутот и другите прописи. Речиси и да нема орган во рамки на Универзитетот во Тетово кој не бил вклучен во ова незаконско унапредување. Ова покажува дека во процесите на избор повеќе не пресудува знаењето, туку познанствата“, истакнуваат од ФОП.

Оттаму велат дека ваквите наоди се поткрепени и со извештај на Државниот просветен инспекторат, додавајќи дека во постапката учествувале повеќе универзитетски тела, меѓу кои Наставно-научниот совет на Медицинскиот факултет, Сенатот и Рецензентската комисија.

ФОП го повика ректорот на Универзитетот во Тетово, Јусуф Зејнели, да соработува со инспекциските служби, посочувајќи дека според нивни информации тој одбил да го потпише записникот од надзорот.

„Зејнели треба да понесе одговорност бидејќи сите овие прекршувања се случиле во периодот додека тој раководи со универзитетот“, велат од Форумот.

Организацијата побара и Јавното обвинителство да отвори истрага, оценувајќи дека станува збор за „добро организирана шема“. Воедно, тие бараат поништување на изборот на Ферати, дополнителна проверка од Државниот просветен инспекторат за тоа дали ги исполнува условите за избор, како и разрешување на нејзиниот сопруг Кенан Ферати од функцијата до расчистување на случајот.

Македонски