Денеска пресуда за Штекли: Кривичниот суд одлучува за наводната нарко-група на Раде Трајковски
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска ќе биде изречена пресудата за Раде Трајковски – Штекли и уште четворица обвинети, во процесот што се води против организирана криминална група за трговија со дрога. Обвинителството ги товари дека повеќе од една година неовластено дистрибуирале кокаин и марихуана на територијата на Скопје.
Случајот на почетокот опфаќаше 16 лица, но единаесетмина од нив веќе го признаа делото. Седуммина обвинети склучија спогодби со обвинителството и добија затворски казни од по три до три и пол години, додека за четворица кои признаа вина постапката беше раздвоена.
Штекли како „мозок“ на операцијата?
Според обвинителниот акт, групата била активна од јануари 2024 до јануари 2025 година. Обвинителството тврди дека Раде Трајковски – Штекли бил организатор и координатор на мрежата. Тој наводно одржувал контакти со добавувачи од странство и давал јасни насоки до посредниците за набавка и дистрибуција на наркотиците.
Дрогата се чувала во изнајмени т.н. „штекови“ – станови во Скопје. Цената на кокаинот се движела од 4.500 до 6.000 денари за грам, додека марихуаната се препродавала по 200 до 300 денари по грам. Клучните докази во овој случај се извлечени од анализа на мобилните телефони и заштитената комуникација преку апликацијата „Снепчет“.
Одбраната: Обвинението е базирано на претпоставки
Раде Трајковски – Штекли на почетокот на судењето изјави дека не го разбира обвинението, а останатите четворица обвинети кои останаа во процесот до крај се изјаснија како невини.
Неговата одбрана во текот на судењето тврдеше дека Обвинителството не располага со ниту еден конкретен доказ дека Трајковски формирал криминална група или дека издавал инструкции за продажба на дрога. Според адвокатите на првообвинетиот, целиот случај се потпира на претпоставки и погрешна интерпретација на комуникациите, кои не го докажуваат стореното кривично дело.
Денешната пресуда ќе покаже дали судот ги прифатил доказите на Обвинителството или аргументите на одбраната.