Собранието става крај на Пржинската влада: Се укинува техничкиот модел и се воведува забрана за двојни државјанства за пратениците
Македонскиот законодавен дом денеска ја започна 98. пленарна седница на која на дневен ред се неколку клучни законски измени што суштински ќе го променат политичкиот систем во земјава. Главниот фокус на пратениците е насочен кон конечното укинување на т.н. „техничка влада“ и воведувањето обврска пратениците да поседуваат исклучиво македонско државјанство.
Образложувајќи ги измените пред пратениците, заменик-министерот за јавна администрација, Лазе Јаќимоски, истакна дека моделот на техничка влада, воспоставен во 2015 година како алатка за надминување на политичката криза, ја исполнувал својата цел, но дека денес претставува пречка за институционалната функционалност.
„Дојдено е време да се врати функционалноста преку системските институции. Со овој предлог закон се воспоставува јасна правна рамка која ќе гарантира фер и транспарентни избори преку редовните институции основани со Уставот, елиминирајќи ги привремените решенија кои беа плод на политички договори,“ нагласи Јаќимоски.
Рационализација на финансиите и институционална стабилност
Според предлагачот, бришењето на техничката влада ќе овозможи рационално користење на јавните финансии и зајакнување на стабилноста на извршната власт. Новата рамка предвидува владата да работи во полн капацитет до самото објавување на конечните резултати од изборите, без вклучување на опозициски кадри во министерствата кои во минатото често беа извор на политички блокади.
Пратеници само со македонски пасош
Паралелно со укинувањето на техничката влада, Собранието дебатира и за забраната за поседување на двојно државјанство за пратениците. Оваа мерка, која предизвика бурни реакции во јавноста, има за цел да ја зацврсти лојалноста на народните избраници кон државата и да го спречи влијанието на странски држави врз законодавниот дом.
Скратени постапки за економски закони
Покрај системските промени, пратениците по скратена постапка ќе расправаат и за низа закони поврзани со економијата и инфраструктурата. На агендата се:
- Измени на Законот за минерални суровини;
- Измени на Законот за концесии и јавно-приватно партнерство;
- Закон за јавните претпријатија;
- Закон за внатрешна пловидба.
Седницата продолжува со дебата, а гласањето по точките се очекува по завршување на општата расправа за секој од предложените закони.