Криза во Словенија по смртта на жител од Ново Место – министерката за правда и министерот за внатрешни работи поднесоа оставки

9

Премиерот на Словенија, Роберт Голоб, свика итен кризен состанок поради насилната смрт на жител на Ново Место, што предизвика голема јавна вознемиреност и политички потреси во земјата.

На состанокот, кој се одржа по седницата на Советот за национална безбедност, министерката за правда Андреја Катич и министерот за внатрешни работи Боштјан Поклукар поднесоа оставка, која Голоб ја прифати, јавија словенечките медиуми.

Советот донесе одлука за зголемување на полициското присуство во Ново Место, испраќање дополнителни сили од други делови на земјата, како и активирање на специјални полициски единици доколку ситуацијата тоа го наложи.

На повиците од опозицијата за оставка на целата влада, премиерот Голоб изјави:

„Моето заминување не може да го врати таткото во живот. Министрите ја презедоа одговорноста. Моето заминување би било бегство од одговорноста – сакам да ја преземам за да обезбедиме побезбедна Словенија.“

Инцидентот се случил во ноќта меѓу петок и сабота, кога маж бил брутално претепан во центарот на Ново Место и подоцна починал во болница. Според првичните информации, нападот се случил кога жртвата отишла во еден бар на улицата Розманова за да го земе својот син, кој побарал помош поради закани од група Роми.

Полицијата приведе 20-годишен осомничен, припадник на ромската заедница, а истрагата продолжува.

Makedonski