СДСМ: Синдикалната кошница надмина 70.800 денари, ниту три минимални плати не ги покриваат основните трошоци

Вредноста на синдикалната минимална кошница во ноември 2026 година достигнала 70.827 денари, што е за 469 денари повеќе во споредба со октомври. Доколку во трошоците се пресмета и кирија за стан, вкупниот износ се качува на 90.000 денари — сума што не може да се покрие ниту со три минимални плати, соопштија денеска од опозициската СДСМ.

9

Од СДСМ истакнуваат дека трошоците за живот забрзано растат, а куповната моќ на граѓаните бележи континуиран пад.

„Само за храна и пијалаци на едно четворочлено семејство му се потребни дури 26.000 денари месечно. Од почетокот на 2027 година се најавуваат и нови поскапувања на струјата и на парното, што ќе биде уште еден удар врз и така нискиот стандард на граѓаните”, се наведува во партиското соопштение.

Опозициската партија обвинува дека платите стагнираат и не го следат темпото на инфлацијата и поскапувањето на основните прехранбени производи.

Барање за минимална плата од 600 евра и критики за задолжувањето

СДСМ ја упати одговорноста директно кон премиерот Христијан Мицкоски и владејачкото мнозинство, обвинувајќи ги дека одбиваат да ги прифатат барањата за зголемување на минималната плата.

„Владата одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра. Нема пари за работниците, нема пари за земјоделците, нема пари за поголем студентски оброк. Пари има само за тендери”, тврдат од СДСМ.

Во соопштението повторно се актуелизираат критиките за јавниот долг. Според опозицијата, Владата за две години ги задолжила граѓаните за околу четири милијарди евра, додека за 2027 година се најавува ново задолжување од дополнителни две милијарди евра.

„Арамиската власт на Мицкоски ги осиромашува граѓаните додека им трупа нови долгови на грбот на наредните генерации. Парите одат за криминални тендери, а не за граѓаните кои се со празни паричници и празни фрижидери”, порачуваат од СДСМ.

Владата и економските министри засега немаат испратено официјален одговор на најновите податоци за синдикалната кошница ниту на обвинувањата изнесени од опозицијата.