Извештај на ЕК: Црна Гора добива датум за членство, Македонија останува без патоказ и без уставни измени
Европската комисија во денешните извештаи за напредокот на земјите кандидати ќе предложи Црна Гора да потпише договор за членство во ЕУ во јуни идната година, додека Северна Македонија не само што нема да биде вклучена во групата на четири земји што добиваат патокази за членство, туку ќе добие и остра порака — дека не прави ништо околу уставните измени и дека е далеку од европскиот рефлектор.
Групата земји што ќе добијат патокази за членство ги вклучува Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина. Македонија останува надвор од овој круг, а клучната причина е јасна:
„Не беа преземени обиди за усвојување на соодветните уставни измени наведени во Заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година. Земјата се обврза да ги иницира и спроведе овие измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓаните кои живеат во рамките на државните граници и кои се дел од други народи, како што се Бугарите”, стои во оценката на ЕК.
Според Комисијата, потребни се значителни дополнителни напори за промовирање атмосфера на дијалог и меѓусебна почит со Бугарија. Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања одржала четири состаноци помеѓу септември 2025 и март 2026 година — но без конкретни резултати.
Позитивен сигнал е единствено договорот за тунелот долж Коридорот VIII, потпишан во ноември 2025 година. Меѓутоа, ЕК забележува и враќање на тензиите со Грција:
„Членови на владата и високи функционери понекогаш не го почитуваат Преспанскиот договор, вклучително и преку некористење на уставното име на земјата, што може негативно да влијае врз добрососедските односи.”
Избори: конкурентни, но во поларизирана средина и со неизменет Изборен законик
ЕК оценува дека правната рамка обезбедува основа за демократски избори, но напредок во усогласувањето со стандардите на ЕУ и препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија — нема.
„Изборите беа конкурентни и им понудија на гласачите вистински избор, но се одржаа во поларизирана политичка средина со некои процедурални недостатоци. Законската рамка содржи бројни празнини и двосмислености, што ја компромитира правната сигурност.”
Комисијата посебно укажува дека изборните дезинформации и манипулацијата со странски информации остануваат недоволно адресирани, а измените на Изборниот законик се блокирани бидејќи, како што се наведува, промените не им одговараат на најголемите партии.
Судство под притисок: „Чистење”, заплашување и блокирана Академија
Сликата за судството е меѓу најтемните во извештајот. ЕК констатира дека независноста и финансиската автономија на судството се поткопани од постојаното мешање на други државни гранки.
„Провокативните изјави на високи политичари во врска со плановите за ‘чистење’ на правосудството и обвинителството, вклучително и личните критики упатени кон судии и обвинители, претставуваат недозволено влијание и заплашување.”
Во ноември 2025 година, во досега незабележан потег, Врховниот суд, Судскиот совет и Здружението на судии излегоа со заедничка реакција на неоснованите јавни критики од највисоките нивоа на власта. Во април 2026 година, Судскиот совет упати апел до медиумите да се воздржат од сензационалистичко известување за судиите.
Посебно срамна забелешка во извештајот се однесува на Академијата за судии и јавни обвинители:
„Управниот одбор на Академијата ја поништи најголемата постапка за прием досега (130 кандидати) поради недоволни средства во државниот буџет за 2026 година, што доведе до ситуација во која нема да има нови кандидати пред 2028 година.”
Корупција: Кривичниот законик не обезбедува казнивост, случајот Груби
ЕК оценува дека корупцијата е распространета и претставува прашање за сериозна загриженост. Измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година не ги отстрануваат негативните последици од измените од 2023 година, а одредбата за злоупотреба на службената положба во јавните набавки е „премногу тесна”.
Во извештајот се споменува и случајот со поранешниот заменик-премиер Артан Груби, за кој беше издадена меѓународна потерница, по што се врати во земјата, беше ставен во домашен притвор и му се суди по обвиненија за корупција и злоупотреба на службената положба. Сепак, ЕК предупредува:
„Случаите на корупција на високо ниво продолжуваат да се соочуваат со одложувања и честопати достигнуваат рок на застарување, придонесувајќи за перцепцијата за неказнивост.”
Човекови права, медиуми и граѓанско општество
Извештајот бележи дека граѓанските организации и бранителите на човекови права се соочени со заплашување, онлајн вознемирување и кампањи за клевета. Родово-базираното насилство останува сериозно прашање, а состојбата во затворите е оценета како „ужасна”.
За медиумите се бара целосна транспарентност во сопственоста и распределбата на јавни средства за државно рекламирање, како и навремено постапување на институциите околу заканите и актите на насилство врз новинарите.
Парламент блокиран, поларизација и доцнења
Парламентот повторно не успеал да ја усвои својата годишна агенда, и покрај јасниот Деловник за работа. Консензусот за законодавството што бара квалификувано мнозинство останал неостварлив, а употребата на скратени постапки дополнително се зголемила. Комисијата за следење на правичната застапеност останала неактивна, а осум нови заменици народни правобранители сè уште не се избрани.
Меѓуетнички односи: стабилни, но со предизвици
ЕК оценува дека меѓуетничката состојба е генерално стабилна и дека Охридскиот рамковен договор продолжува да се спроведува. Сепак, пред локалните избори се случија одредени инциденти со спортски групи, а петицијата на студенти по право за полагање испити на албански јазик поттикна поширока дебата за јазичните права. Новиот Закон за соодветна и правична застапеност, предложен по укинувањето на механизмот „балансер” од Уставниот суд во 2024 година, сè уште чека усвојување поради недостиг на Бадентерово мнозинство.
Наркотици, лобирање и укажувачи
Во 2025 година беа запленети околу 2.390 кг дрога (спроти 184 кг во 2024), а уништени беа вкупно 4.000 кг канабис — прва таква операција од 2023 година. Законот за лобирање останува мртво слово на хартија со само еден регистриран лобист и три организации, а Законот за заштита на укажувачите сè уште не е усогласен со правото на ЕУ, при што лицата кои пријавуваат неправилности се соочуваат со одмазда.