Мицкоски првпат за случајот Михаилова: „Кога-тогаш ќе одговараат”, ја обвини Бугарија за „покажување мускули”

Премиерот категорично ги отфрли тврдењата дека Михаилова поминала регуларно на граничен премин, побара нејзино итно враќање и порача дека и таа и нејзиниот татко ќе се соочат со македонските власти. Сепак, при одговарањето на новинарско прашање, Мицкоски се поколеба околу името на обвинетата.

5

Премиерот Христијан Мицкоски денеска за првпат јавно се огласи за случајот со заминувањето на Ива Михаилова во Бугарија, кој во изминатите денови доминираше во македонската јавност. Изјавата ја даде во Битола, на маргините на презентацијата на новата инвестиција на германската компанија „Кромберг и Шуберт”, каде што одговараше на новинарски прашања.

Нелегален премин, а не регуларен излез

Мицкоски ги потврди наводите на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека Михаилова нелегално ја напуштила земјата или била нелегално пренесена преку границата. Тој категорично ги отфрли информациите објавени во бугарските медиуми дека Михаилова и нејзиниот адвокат поминале низ официјален граничен премин.

„Апсолутно е невистина тоа што го емитуваа бугарските медиуми, дека заедно со нејзиниот адвокат поминале на регуларен граничен премин и дека таму биле поздравени и им се салутирало. Тоа претставува лага”, изјави Мицкоски.

Како доказ, премиерот посочи дека последниот евидентиран влез на адвокатот на Михаилова во Македонија бил на 28 септември, податок кој, според него, бил потврден и од бугарската страна.

Обвиненија кон Софија и барање за итно враќање

Мицкоски упати остри критики кон политичкото раководство во Бугарија, обвинувајќи го за непотребно ескалирање на тензиите.

„Жалам што политичкото водство во Бугарија се обидува на овој начин да покаже политички мускули, а не ја сфаќа штетата што самото си ја прави на меѓународен план. Тие избрале ваква политика”, рече премиерот.

Тој ги отфрли шпекулациите за наводен таен договор меѓу двете држави и побара Бугарија веднаш да ги врати Михаилова и нејзиниот татко.

„Ако е тоа така договорено, ние ги бараме назад и неа и нејзиниот родител. Уште денеска нека ги донесат и да видиме дали е така договорено или не”, порача Мицкоски.

„Кога-тогаш ќе одговараат”

Премиерот неколкупати ја повтори пораката дека и Ива Михаилова и нејзиниот татко ќе мора да се соочат со правдата.

„Ве гледам во очи и ви кажувам: кога-тогаш. И таткото и таа ќе одговараат. Кога-тогаш”, истакна Мицкоски.

На прашањето дали Бугарија правно може да ја екстрадира Михаилова, со оглед на уставната заштита што ја уживаат бугарските државјани, премиерот не даде конкретен одговор, туку повтори дека македонските власти инсистираат на нејзино враќање.

Напад врз опозицијата: „Идентични позиции со Бугарија”

Мицкоски ја искористи приликата и за да ја нападне домашната опозиција, која во изминатите денови бараше оставка од министерот Тошковски. Тој ги обвини опозициските партии дека имаат „идентични позиции” со бугарското политичко раководство и дека намерно ја политизираат аферата.

„Намерата е да се создаде политичка тема за која претпоставиле дека ќе влијае на рејтингот на владејачката коалиција и на ВМРО-ДПМНЕ, и на тој начин ќе обезбедат одредена корист за опозицијата”, оцени премиерот.

Сепак, моментот кој привлече најголемо внимание на социјалните мрежи беше колебливоста на Мицкоски при изговарањето на името на обвинетата. Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот првично рече: „Ина… Ива. Како се викаше”, пред да продолжи со одговорот.