Реформи во МВР: Полесна процедура за легалните сопственици, строга контрола и дигитално следење на оружјето

Новиот Закон за оружје воведува електронска апликација, укинување на одобренијата за муниција, едногодишен рок за легализација и регулација на 3Д-печатеното оружје.

14

Министерството за внатрешни работи (МВР) подготвува нов пакет законски измени со кои суштински се менуваат правилата за набавка, поседување и контрола на оружјето во државата. Како што најави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, целта на реформата е драстично да се поедностават бирократските процедури за совесните граѓани и ловците кои ги исполнуваат сите законски критериуми, но истовремено значително да се заостри безбедносната контрола.

Тошковски ги презентираше новите законски решенија за време на своето обраќање на свечената академија во Народниот театар во Велес, организирана по повод јубилејот – 80 години од основањето на Ловечката федерација на Македонија.

Исправање на неправдите: Над 5.000 граѓани со години чекале дозвола

Министерот посочи дека при преземањето на ресорот била затекната парадоксална и небезбедна состојба во која илјадници граѓани со уредна документација биле блокирани од системот.

„Затекнавме состојба каде повеќе од 5.000 граѓани ги исполнувале сите законски услови за добивање дозвола, но со години не можеле да ја добијат. Истовремено, оружје поседувале лица кои воопшто не смееле да го имаат. Таков систем не беше ниту праведен, ниту безбеден, и затоа пристапивме кон негова целосна промена“, порача Тошковски.

Електронски барања, повеќе парчиња со една постапка и слободна муниција

Новиот Закон за оружје носи низа олеснувања и дигитални решенија:

  • Дигитализација на постапката: Се воведува специјална електронска платформа преку која граѓаните онлајн ќе ги поднесуваат барањата за набавка;
  • Набавка на муниција без претходно одобрение: Се укинува досегашната обврска за вадење посебни одобренија за секое купување муниција. Наместо тоа, МВР ќе има директен и реален увид во купените количини преку поврзан централен електронски систем со продавниците за оружје;
  • Едно барање за повеќе парчиња: Сопствениците ќе можат со едно поднесено барање да побараат одобрение за набавка на повеќе парчиња оружје;
  • Регулирање на сокорисништвото и полнењето муниција: Се прошируваат правата за сокорисништво и за првпат законски се дефинира постапката за самостојно полнење ловечка муниција;
  • Подолги рокови за наследство и едногодишен грејс-период: Рокот за регулирање на наследено оружје се продолжува од два на четири месеци. Дополнително, се отвора едногодишен рок за сите граѓани кои од разни причини ги пропуштиле роковите за легализација, пререгистрација или доброволно предавање на оружјето.

Дигитална трага од фабрика до сопственик и забрана за 3Д-печатено оружје

Тошковски нагласи дека административното олеснување нема да значи попуштање на безбедносните филтри. Законот за првпат овозможува целосно електронско следење на секое парче оружје – од неговото производство или увоз, преку дистрибуцијата, сè до крајниот сопственик, со строга обврска за негово безбедно чување во домашни услови.

Како одговор на новите глобални безбедносни предизвици, со законот прецизно се регулираат и се забрануваат нелегалните изработки на оружје и составни делови преку модерни технологии, како што се 3Д-печатачите и компјутерски водените ЦНЦ (CNC) машини.

„Легалното оружје мора да биде исклучиво во рацете на одговорни, совесни и проверени граѓани. За нелегалното оружје нема место во нашето општество. Нашиот принцип е јасен: максимална доверба и олеснети процедури за тие што ги почитуваат правилата, но нулта толеранција за сите што ги кршат законите“, заклучи министерот за внатрешни работи.