ВРЕДИ по понудената гаранција за слобода на Груби: Чиј е имотот од 335.000 евра, додека 350.000 Албанци ја напуштија земјата?

Владејачката коалиција бара истрага за потеклото на понудениот имот за поранешниот вицепремиер, правејќи остар контраст меѓу милионското богатство на функционерите на ДУИ и масовното иселување на граѓаните.

11

Владејачката коалиција „Вреди“ излезе со остра реакција по информациите дека во Основниот кривичен суд Скопје е понудена гаранција во недвижен имот вреден над 335 илјади евра со цел укинување на мерките на претпазливост за поранешниот прв вицепремиер Артан Груби во предметот за „Државна лотарија“.

Од „Вреди“ јавно го отвораат прашањето за потеклото на капиталот и начинот на кој лицата од опкружувањето на поранешната власт се стекнале со толку вредни недвижности.

„Денес јавноста гледа како луѓе од таборот на Артан Груби без проблем нудат недвижен имот од стотици илјади евра како гаранција пред судовите. Но, клучното прашање што треба да го одговорат институциите и јавноста е: Чиј е всушност тој имот и на каков начин е стекнат?“, прашуваат од коалицијата.

„Лично богатење на функционерите наспроти празнење на државата“

Во соопштението се прави директна споредба помеѓу материјалната состојба на раководството на ДУИ и тешката социјално-економска реалност со која се соочуваше народот во изминатите две децении.

Од „Вреди“ посочуваат дека за време на долгогодишното владеење на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Македонија се соочи со историски најголем егзодус на населението. Според податоците што ги презентира коалицијата, над 350 илјади Албанци биле принудени да емигрираат во европските и прекуокеанските земји поради сиромаштија, корупција и отсуство на перспектива.

„Зад таа фрапантна бројка од 350 илјади иселени стојат илјадници разделени семејства, напуштени домови и млади образовани луѓе кои мораа да бараат иднина далеку од својата татковина. Додека обичниот народ се бореше за егзистенција и заминуваше, елитата на ДУИ енормно се богатеше, па денес гледаме како нивни лојалисти застануваат во одбрана на Груби со имоти од стотици илјади евра. Тоа е суштинската разлика меѓу вистинските маки на граѓаните и приватните проблеми на ДУИ“, нагласуваат од коалицијата.

Создавање услови за враќање на младите

Од „Вреди“ порачуваат дека новата политичка генерација на власт има јасно зацртан приоритет – прекинување на коруптивните практики и градење економски амбиент во кој младите ќе ја гледаат својата иднина дома.

„Нашиот примарен фокус останува создавањето достоинствени услови за живот и работа во земјава, со цел младите да останат овде, а оние кои беа принудени да заминат – конечно да добијат силна причина и сигурност за да се вратат во своите родни места“, заклучуваат од коалицијата „Вреди“.