Политички апсурд во Прилеп: Власта ја блокираше иницијативата за ослободување на тротоарите, а на истата седница изгласа свој идентичен план
Советничката на ВМРО-НП, Сузана Дарковска, реагира дека мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ функционира како „гласачка машина без совест“, ставајќи ги партиските директиви пред безбедноста на пешаците и лицата со попреченост.
Општинското мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп се најде под остри критики откако на 20-тата седница на Советот одби да поддржи опозициска иницијатива за системско ослободување на узурпираните тротоари, за само неколку часа подоцна, на истата седница, експресно да изгласа сопствена стратегија што ги содржи речиси истите решенија.
Советничката од редовите на ВМРО-Народна партија (ВМРО-НП), Сузана Дарковска, преку јавна реакција го оцени ваквото однесување како „партиски цинизам и театар“, обвинувајќи ги колегите од власта дека гласаат исклучиво според тоа „од кого доаѓа предлогот“, а не според реалните потреби на прилепчани.
Во реакцијата се вели:
На 30 септември 2026 година, на 20-тата седница на Советот на Општина Прилеп, мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ја покажа својата вистинска природа. Не како претставници на граѓаните, туку како добро извежбана гласачка машина што реагира само на еден сигнал: дали предлогот е „наш“ или „ваш“.
Мојот Предлог-заклучок за преземање системски мерки за ослободување на тротоарите и јавните површини од паркирани возила, гајби, роба и други пречки беше гласан со воздржување. Истото се случи и со предлозите на другите опозициски советници. Не затоа што предлогот е противзаконски. Не затоа што е нереален. Не затоа што е штетен. Туку само затоа што доаѓа од опозиција. Блокада чиста и партиски мотивирана.
Што бараше тој предлог? Конкретни и јасни работи. Констатираше дека на значителен број тротоари и јавни површини во Прилеп се паркираат моторни возила спротивно на закон, особено пред маркети и трговски објекти, каде што возилата се паркираат и на тротоарите и на коловозот. Исто така, дел од тротоарите се зафатени со гајби, роба и инвентар од маркети и маалски продавници. Многу возачи, иако располагаат со гаражи или сопствени паркинг-места, свесно ги користат јавните површини.
Предлогот го задолжуваше градоначалникот, во соработка со Комуналната инспекција и ЈКП „Комуналец“, во рок од 30 дена да достави до Советот:
– Акциски план за ослободување на тротоарите, со прецизно утврдени приоритетни локации (училишта, градинки, здравствени установи, пазар, маркети, маалски продавници и централно градско подрачје);
– Предлог на конкретни мерки: засилени контроли, поставување физички препреки (столпчиња, жардиниери), отстранување на долготрајно паркирани и напуштени возила, како и отстранување на неовластено поставени предмети и роба;
– План за информирање на јавноста за законските обврски во однос на паркирањето на тротоарите и забраната за заземање на јавните површини со роба.
Дополнително, во рок од 60 дена градоначалникот требаше да достави извештај за преземените мерки и постигнатите резултати.
Јасно. Конкретно. Со рокови. Законски засновано. Наменето за заштита на пешаците – особено на лицата со попреченост, постарите, мајките со деца и децата.
Потоа дојде последната точка – Планот за одржлива урбана мобилност (SUMP) 2027/2037. Предлог на локалната власт, односно на самото мнозинство. Гласањето беше „за“. Без дискусија. Без прашања. Без ниту еден сомнеж. Како на команда.
А во тој нивен план, во црно на бело, пишува токму за она што го блокираа кога дојде од опозиција.
Во поглавјето 6.1 – Пешачка погодност и пристапност – експлицитно се констатира дека Прилеп се соочува со „дисконтинуирани тротоари“ и ограничена пристапност за ранливите групи. Мерките вклучуваат отстранување на пречките, управување со тротоарите и надградби за универзална пристапност.
Во поглавјето 6.6 – Систем за паркирање – уште подиректно: „Воспоставување редовен мониторинг и спроведување мерки против нелегално паркирање, со фокус на тротоарите, премини и постојки за јавен превоз.“
Истиот проблем. Истите решенија. Само што кога ги предлага опозициски советник, се блокираат. Кога се спакувани во документ што доаѓа од „нашите“, се гласаат без резерва, без читање, без размислување.
Ова не е недоследност. Ова е цинизам. Ова е потсмев кон граѓаните. Ова е доказ дека за мнозинството Советот не е место каде се решаваат проблеми, туку сцена на која се изведува партиски театар.
Има само две можни објаснувања, и двете се еднакво срамни:
Прво – советниците од мнозинството воопшто не ги читаат материјалите што ги гласаат. Не ги отвораат, не ги анализираат, не ги разбираат. Креваат рака според тоа што ќе им каже координаторот. Тоа е неспособност и неодговорност од највисок степен. Советник што не чита материјали не е советник. Тој е само гласачка единица.
Второ – ги читаат, ги разбираат, ги знаат содржините и сепак гласаат според тоа кој предлага, а не според тоа што се предлага. Тоа е уште поголем цинизам. Тоа значи дека свесно ја ставаат партиската дисциплина над интересот на граѓаните. Свесно ги оставаат тротоарите зафатени, свесно ги игнорираат постарите, лицата со попреченост, мајките со деца и сите оние што секојдневно се пробиваат меѓу паркирани автомобили и гајби.
Во двата случаи резултатот е ист: тротоарите остануваат паркинг, пешаците остануваат жртви, а советниците од мнозинството си ја завршиле „работата“, кренале рака по наредба.
Прилепчани не избираат советници за да бидат гласачки роботи. Ги избираат за да ги решаваат проблемите. А проблемот со тротоарите не е политички. Тој е реален, секојдневен и болен.И токму затоа е срамно, понижувачко и неприфатливо што истите советници што на почетокот од седницата го блокираа мојот предлог со воздржување, на крајот од истата седница гласаа „за“ Планот за урбана мобилност кој го признава истиот проблем со тротоарите.
Додека тротоарите остануваат зафатени, а Советот останува машина за потврдување на партиски налози, Прилеп ќе продолжи да има убави стратегии на хартија и грди, опасни, непристапни улици во реалноста. И тоа е нивна вина. Чиста, јасна и непобитна.
Граѓаните заслужуваат подобро. Заслужуваат советници што читаат, што размислуваат и што гласаат според интересот на градот, а не според интересот на партијата. Дотогаш, оваа седница ќе остане уште еден доказ за тоа колку далеку е мнозинството од луѓето што ги избрале.
(интегрален текст од реакцијата на советничката од Советот на општина Прилеп Сузана Дарковска)