ЕУ подготвува „брза лента“ кон членство за четири држави: Македонија останува во чекалната со БиХ и Косово

Брисел изработува конкретни патокази со рокови за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија. Македонија е исклучена од пакетот поради закочените уставни измени и намалениот реформски замав, објави „Политико“.

10

Европската унија развива нови стратешки предлози според кои четирите земји-кандидатки што се најнапредни во реформскиот процес ќе добијат прецизен, чекор-по-чекор план и јасен пат кон полноправно членство, додека останатите ќе останат на маргините.

Како што дознава престижниот медиум „Политико“ од високи дипломатски извори во Брисел, Европската комисија подготвува конкретни целни „патокази“ за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, со цел да се забрза пристапниот процес кој со децении тапка во место.

Јасни рокови и гаранции за фаворитите

Овие четири земји важат за апсолутни фаворити во новиот бран на проширување. Новите патокази ќе претставуваат пресвртница во политиката на Брисел – за првпат на овие држави ќе им бидат понудени индикативни временски рокови за затворање на преговарачките поглавја („кластери“), како и гаранции дека со завршувањето на темелните реформи нивниот прием во ЕУ ќе биде загарантиран. Истовремено, планот ќе создаде и јасни обврски за сегашните земји-членки на Унијата да не го опструираат процесот кога критериумите ќе бидат исполнети.

Портпарол на Европската комисија потврди дека целта на мапите е да утврдат јасна листа на приоритети, рокови и мерливи резултати за најнапредните апликанти.

Зошто Македонија не е дел од овој пакет?

За разлика од регионалните соседи, Македонија е целосно изоставена од плановите за забрзана интеграција. Главната пречка останува политичкиот ќор-сокак околу уставните измени и внесувањето на бугарската заедница во преамбулата на Уставот, што е преземена обврска во преговарачката рамка усогласена со сите 27 земји-членки.

Предлозите на новата влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски – уставните измени да имаат одложено дејство – беа категорично одбиени и од Софија и од официјален Брисел. Актуелните обиди на премиерот и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, за вклучување меѓународен медијатор или олеснувач од силна земја-членка засега не даваат конкретен резултат.

Поради овие блокади и забавеното темпо на домашните реформи, дипломатските кругови во Брисел ја сместуваат Македонија во групата со Босна и Херцеговина и Косово – земји чија европска перспектива во моментов се оценува како длабоко неизвесна. Во застој се и апликациите на Србија, Грузија и Турција, главно поради назадување во владеењето на правото и демократските стандарди.

„Постепена интеграција“ и заштитни клаузули за новите членки

Новиот пристап на Брисел се темели на документот за т.н. ревизија пред проширувањето, кој го подготвува советникот на претседателката на ЕК, Александар Адам. Целта е на кандидатите да им се овозможи „постепена интеграција“ – користење на дел од економските придобивки, европските фондови и пристап до заедничкиот пазар уште пред формалното зачленување.

За да се заштити функционирањето на Унијата, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, и новата комесарка за проширување, Марта Кос, ќе предложат заштитни клаузули за итни случаи и транзициски периоди за новите членки, без притоа да се отвораат основните договори на ЕУ.

Дипломатска есен: Фон дер Лајен во Скопје, самит на ЕУ во октомври

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, неделава престојува во посета на регионот, при што во петок ќе допатува во Скопје на разговори со македонскиот државен врв.

Клучната расправа за иднината на проширувањето ќе се одржи на состанокот на Европскиот совет на 15 и 16 октомври во Брисел, каде лидерите на земјите-членки ќе треба да дадат политичко зелено светло за стратегијата што ја најави комесарката Кос како почеток на нова „есен на проширувањето“. Сепак, пораките од Брисел се децидни – за Македонија да се приклучи кон брзиот воз, првиот и незаобиколен чекор останува усвојувањето на уставните измени.