Мафијашка егзекуција во Пловдив: Со истрел во главата ликвидиран сопственикот на фудбалскиот клуб Ботев

53-годишниот бизнисмен Иројан Филипов е убиен од заседа пред неговиот имот. Полицијата го блокираше градот, влезовите и излезите на Пловдив се под строга полициска контрола.

16

Познатиот бугарски бизнисмен и сопственик на фудбалскиот клуб „Ботев“, 53-годишниот Илијан Филипов, синоќа беше брутално ликвидиран пред неговиот дом во населбата „Христо Смирненски“ во Пловдив. Станува збор за класична егзекуција од заседа, при што во жртвата бил испукан еден смртоносен куршум директно во главата.

На заедничкиот утрински брифинг, бугарската полиција и Окружното обвинителство потврдија дека тешкото кривично дело се случило ноќта меѓу 29 и 30 септември, а првиот повик до службата за итни случаи 112 бил регистриран околу 1 часот по полноќ.

Пловдив под целосна полициска блокада

Веднаш по пукањето, полицијата воведе строг безбедносен кордон и целосно го блокираше реонот околу местото на убиството, во непосредна близина на станбениот комплекс „Орхидеите“. Сообраќајот на неколку клучни улици е во целосен прекин поради теренскиот увид на крим-техниката и форензичките тимови.

Во расчистувањето на овој мафијашки атентат се вклучени специјализирани тимови од Регионалната дирекција на МВР во Пловдив и Генералната дирекција на Националната полиција на Бугарија. Истражителите на терен вршат претреси, запираат возила и ги одземаат снимките од сите околни безбедносни камери за да ја реконструираат патеката на движење на напаѓачот.

Контрола на излезите од градот, напаѓачот во бегство

Бугарските безбедносни служби започнаа опсежна полициска операција со цел да се спречи евентуално бегство на сторителите. На сите главни патни правци, влезови и излези на Пловдив се поставени засилени полициски пунктови и патроли вооружени со долго оружје, кои вршат детална проверка и претрес на сите сомнителни моторни возила.

Засега деталите за мотивите зад егзекуцијата на фудбалскиот бос се оскудни. Официјалните институции сè уште немаат соопштено дали има идентификувани сведоци или осомничени лица, а истрагата за нарачателите и егзекуторот продолжува со максимален интензитет.